Каевски не се појави – oдложено судењето за спортските ваучери на АМС

од Nikola Popovski
40 прегледи

Судењето за случајот со спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт е одложено за 9-ти јули, откако на првото рочиште денеска не се појави првообвинетиот, екс-пратеникот Дарко Каевски.

Каевски е на домашно лекување по оперативен зафат на тетивата, информираше неговиот адвокат, Петре Шилегов.

Во случајот, освен Каевски, обвинети се и директорот на АМС, Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Каевски веќе се огласи во јавноста и ги отфрли сите обвинувања на ОЈО, сметајќи ги за неосновани и тенденциозни. Тврди дека го нема прекршено законот во ниту еден случај и тоа ќе се докаже.

-Не навлегувам во мотивите на ОЈО да бидам опфатен со ваква постапка, постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања, но едно е сигурно вистината ќе се потврди. Дополнително на ова вештачењето е од 25.04.2024 година ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа, порача меѓу другото Каевски преку објава на 1-ви мај.

Надлежниот јавен обвинител, постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, поднел обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.

Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ.

Слични содржини