Портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски во изјава за „Локално“ вели дека партијата нема никогаш да се откаже од Народноослободителната борба (НОБ).
-ВМРО-ДПМНЕ бара да се откажеме од НОБ. Тоа нема да се случи. Ние сме наследници на вредностите на НОБ, најголемата опозициска партија на фашистичките соработници, како што е Ванчо Михајлов, посочува Каевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски информира дека ќе побараат од владеачката партија да се огради од своето комунстичко минато како наследник на СКМ-ПДП, одговорајќи на прашање за континуитетот на партијата и Ванчо Михајлов.
-Борбата на македонскиот народ за своја независна држава во срцето на Балканот започнува од многу порано и во тој континуитет ја имаме организацијата ВМРО кога се случува и Илинденското востание кое не успева, но покажува пркос. Тој континуитет потоа продолжува. Да не биле тие Илинденци, ќе го немало ни АСНОМ, ни првите чети на партизаните кои што ги носат имињата на Гоце и останатите. Дел од тие луѓе, како Павел Шатев и Венко Марковски, завршуваат трагично токму поради репресијата и агресивните мерки на комунистичкиот режим врз нив поради македонското чуство и желбата за сопствена македонска држава. Ако СДСМ, на почетоците СКМ-ПДП го прифати сето ова и се прогласи за наследник на тој комунистички режим најмалку што треба е наместо неосновано да спинува и да лаже, да се извини пред македонските граѓани поради злоделата што тој комунистички режим ги има правено врз македонските дејци, патриоти и луѓето кои се бореле за сопствена македонска држава, рече Мицкоски во интервју за „Република“.
Н.П.