„Пописот е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата. Преку оваа статистичка операција, конечно, по речиси две децении, ќе добиеме точни информации и податоци каде и како правилно да се насочат финансиите и потребните ресурси“, изјави денес пратеникот од редовите на СДСМ, Дарко Каевски.
Тој додава дека со пописот добиваме точни информации, каде се потребни нови градинки и училишта, каде е потребен стручен кадар за помош за лица со попреченост, каде се потребни нови болници.
„Меѓутоа, пописот е и патриотски чин. Патриотски е да си ги кажеш корените. А, тоа го овозможува пописот. Во графите за попис стои Македонци, а добиваат можност да се попишат и сите граѓани, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми, Власи…“, вели Каевски.
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски тврди дека не се оправдани стравовите кои се шират дека дополнително ќе се рашири заразата со Ковид-19.
„Никој од учесниците во пописот нема да придонесе со ништо епидемијата да се рашири. Знаеме дека се тешки овие состојби, дека ова психолошки влијае негативно на сите. И ние сме луѓе и ние го чувствуваме и психолошки го носиме тоа“, рече Симовски.
Тој вели дека би бил среќен доколку околу 6 000 лица што ќе треба да го спроведат пописот би се вакцинирале и не би имал проблем со пролонгирање на пописот за 15-20 дена во таков случај. Но, нагласува, во моментов нема одлука за пролонгирање и останува тоа дека пописот ќе започне на 1 април.