Кај Македонците нема доволно свест за климатските промени: „Имаме традиција на гледање исклучиво на својот двор и фрлање на отпадот во дворот на соседот“

од Nikola Popovski
478 прегледи

Изминатата 2023 година била најтоплата досега, поради климатските промени предизвикани од човекот и плус поттикната од природниот временски феномен Ел Нињо. Според Одделот за клима на ЕУ, минатата година била за околу 1,48 Целзиусови степени потопла од долгорочниот просек пред луѓето да почнат да согоруваат големи количини на фосилни горива. Голема е веројатноста дека ќе ја надминеме границата за зголемување на температурата од 1,5 степени затоплување над прединдустриските нивоа во следните 12 месеци.

Како Македонија се справува со климатските промени и обврските преземени од Парискиот договор за климата и КОП28? 

Ние имаме доста амбициозни енергетски и климатски политики во моментов со одлични мерки, проблемот е што затајува имплементацијата која се одвива ужасно споро и со слаба вклученост на сите релевантни институции но и речиси никаква вклученост на локалните власти каде и треба да се одвива имплементацијата, велат во разговор за „Локално“ од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје. Според нив, голем проблем за земја во развој како Македонија е што сеуште немаме Национален план за адаптација, а веќе одамна ги чувствуваме последиците од климатските промени. Потребно е и информирање и соодветно консултирање на сите засегнати чинители.

Од „Еко-свест“ истакнуваат дека кај Македонците не постои доволно свест за климатските промени, затоа што луѓето немаат доволно информации или затоа што добиваат погрешни информации, но голем дел од незаинтересираноста за глобални теми кои дирекно не засегаат локално е и поради традицијата на гледање исклучиво на својот двор и фрлање на отпадот во дворот на соседот.

-Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPPC) од 2023 информираше дека во моментов сме веќе на 1.1 степен целзиусов затоплување на глобалните температури, а Светската метеоролошка организација во јануари годинава потврди дека 2023 била најтопла година досега и предупреди дека 2024 ќе биде уште потопла. Треба да бидеме свесни дека стопирање на климатските промени повеќе не е возможно, она што е можно е ублажување на последиците и прилагодување на нашите заедници на живот во променета клима. Најефикасна и најитна мерка за ублажување е прекин на употребата на фосилни горива пред се како енергенс, а потоа и комплетно и премин кон обновливи извори на енергија без предизвикување штета на постоечките екосистеми и плодната почва, порачаа од Центарот.

На прашањето дали може и во 2024 година да очекуваме многу екстремни временски настани како во 2023, како топлотни бранови, шумски пожари и поплави, од невладината организација велат дека двата извештаи предупредуваат дека може да очекуваме загуба на светскиот биодиверзитет, но и зачестени бури со пороен дожд и зачестени електрични празнења кои се невозможни да се предвидат како и нагли промени во временските услови кои ќе влијаат врз здравјето на луѓето.

-Извештајот за проекции на климатските промени и за екстремни климатски настани во РСМ од 2020 го воочува истото. Кај нас сушните периоди ќе зачестат и ќе станат подолги, а врнежите се пообилни и проследени со бури кои се тешки да се предвидат, посочија од „Еко-свест“.

Што и да се случува во глобалната политика, додаваат од оттаму, мора да разбереме дека простор за дискусија за намалување на емисиите на стакленички гасови мора да постои на меѓународно ниво.

-Ако изостане и простор за дискусија и се остави на волјата на секоја суверена држава да одлучи за динамиката и начинот на справување со климатските промени – тогаш со сигурност може да очекуваме климатски колапс и крај на светот како што го познаваме, потенцираат од Центарот.

Во однос на КОП28 и „значајниот договор“ за транзиција од фосилните горива во енергетските системи до 2050 година, според „Еко-свест“, тој простор за дискусија засега го обезбедува Рамковната конвенција за клима на ООН (UNFCCC) каде државите страни на конференција добиваат можност да разговараат за најдобриот и најприфатлив начин за ублажување на климатските промени.

-Локацијата на конференцијата за клима секогаш влијае на темата која најмногу ќе се дискутира, а годинава тоа беше темата за напуштање на фосилните горива. И покрај тоа што COP28 беше преплавен од повеќе од 2000 лобисти за фосилни горива, сепак исто толку бројното присуство на научни и граѓански организации и грасрут движења влијаеше на спомнувањето терминот намалување на фосилните горива во конечниот текст на одлуката од COP, значајно бидејќи ваква терминологија за прв пат се спомнува во конечна одлука на COP. Иако во текстот се нагласува потребата од намалување на фосилните горива, ова сепак не е доволно силна заложба како и целосно напуштање на фосилните горива со крајна цел за нивно доведување до нула до 2050 година, наведуваат од невладината организација.

На прашањето што доколку не успееме да го запреме загревањето на 2 степени во наредните три децении, оттаму наведуваат дека пред 10 години кога на КОП21 во Париз се потпиша Договорот за клима, постоеше консензус помеѓу научниците, граѓанските организации и делегатите од Владите присутни на конференцијата дека комуникацијата кон граѓаните не смее да биде негативна и да креира состојба на паника, бидејќи сеуште постои доволно простор за ублажување на климатските промени.

-Денес веќе се користат термините климатска криза и климатски колапс. Ограничување на глобалните температури под 2 степени целзиусови подразбира намалување на ¾ од вкупните емисии на стакленички гасови во светот. Безбедна клима може да имаме со ограничување на порастот на глобалните температури под 1.5 степени целзиусови. Теоретски 2.6 степени целзиусови глобално затоплување би значело дека Земјата ќе може да издржува само 1 билион луѓе, во моментов се движиме кон популација од 10 билиони, стои во нивниот одговор.

Децидни се дека мора да ги измениме нашите економски системи со цел да ја намалиме потребата за нови ресурси, односно да ги реупотребиме веќе произведените.

-Најлесно е да ја ставиме вината на развиените држави и глобалната политика, потешкиот и поефикасен начин е да ја започнеме промената од дома и самите да бараме од властите да ги изменат политиките. Најскорешен пример за ова се бројните протести на земјоделците што се случуваат во повеќе од 65 држави преку кои малите производители бараат подобри цени и услови за нивните производи и ревидирање на договорите за слободна трговија, порачаа од „Еко-свест“.

Н.П.

Слични содржини