Кајчев смета дека Македонија не сака влез во ЕУ: „Мицкоски го прави истото кон Бугарија како што правеше Груевски со Грција“

Владата во Македонија очигледно не сака земјата да напредува понатаму на патот кон ЕУ бидејќи има врски со својот северен сосед, а знаеме дека Србија пак, има врски со Кина или Русија, вели бугарскиот историчар

од Nikola Popovski
313 прегледи Фото: Принтскрин

„Тодор Александров е исто така Македонец, како и Македонците и сите Бугари од Македонија. Ова е нормално регионално географско име, со кое многу Бугари се горди, но проблемот е што му се дава етничко или национално значење и се сугерира дека да се биде Македонец значи да не се биде Бугарин“, изјавил проф. Наум Кајчев, заменик-претседател на македонско-бугарската Историска комисија и поранешен генерален конзул во Битола, за бугарското радио „Фокус“.

Многу е тажно, според него, што, како што вели, наместо заедничките личности во бугарската и македонската историја да служат како обединувачи, „сегашниот режим во Скопјe прави сè што е можно за да сее поделба“.

„Влегувањето во обединета Европа не се прави со копање дупки или бездни, туку со обединување и со барање заедничка основа. Владата во С. Македонија очигледно не сака земјата да напредува понатаму на патот кон Европската Унија, бидејќи има врски со својот северен сосед, а знаеме дека Србија, пак, има врски со други земји на исток – било да е тоа Кина или Русија. Очигледно не сака вистинска интеграција во Европската Унија и затоа се однесува на најпркосниот можен начин. Никола Груевски го стори истото кон Грција. Сега неговиот наследник, Мицкоски, прави нешто слично кон Бугарија, па затоа лично не очекувам никаква драматична промена во овој поглед во блиска иднина“, рекол Каичев.

Заедничката бугарско-македонска Историска комисија продолжува со својата работа. Последниот состанок на експертите беше на почетокот на јуни во Скопјe, а следниот ќе биде во септември во Софија.

„Неколку пати годишно имаме неформални состаноци и дискутираме за прашања поврзани со нашата заедничка историја, прашања од учебниците по историја, прашања поврзани со одбележувањето на заеднички личности. Проблемот е што не донесуваме одлуки поради ставот на нашите колеги од Скопје и што овие одлуки што веќе ги донесовме не се спроведуваат“, објаснил Кајчев.