Ниските ноќни температури минатиот викенд предизвикаа штети кај овошките.
Како што рече денеска Паско Атанасов од Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по обиколката на терен, поголеми штети има кај кајсиите, а помалку кај праските.
– Кај дрвцата кајсии штетите се над 70 проценти, а некаде и повеќе. Се работи за поголеми површини. Процентот на оштетувања кај праските е помал. Оштетувањата се најголеми по течението на реката Црна и во овоштарниците кои се на пониски делови. Зависи од конфигурацијата на теренот, каде се наоѓаат дрвцата кајсии и праски. Последиците од ниските температури се поголеми во падините и обратно, помали се во повисоките реони, појасни Атанасов.
Според него, дел од овоштарите ги пријавиле штетите, но имаат проблем со осигурувањето. – Некои од нив ги осигурале своите овоштарници, но осигурувањето ќе им важи од први април, а оштетувањата се случија претходно. Надомест на штета ќе немаат, па мислам дека треба да се размислува да се преземе нешто во оваа насока, нагласи Атанасов. /МИА
