Англискиот репрезентативец Џуд Белингем за само една година стана клучна фигура во тимот на Реал Мадрид, а тренерот на шпанскиот великан, Карло Анчелоти безрезервно му верува.
Добитникот на наградата „Златно момче“ за најдобар млад играч во Европа минатата година, што ја доделува италијанскиот фудбалски весник „Тутоспорт“, се потсети на една интересна анегдота од почетокот на престојот во Мадрид.
„Се сеќавам дека мојот брат Џоб постигна два гола во победата на Сандерленд над Ротерам и сите бевме воодушевени. Анчелоти дојде до мене и со сериозен глас рече дека изгледа потпишале со погрешен Белингем. Го прашав дали се шегува и само додаде дека е сериозен и ќе работи на тој трансфер“, изјави Белингам и додаде:
„Збунет го прашав на која позиција мисли дека мојот брат би играл во Реал Мадрид, а тој ми одговори дека тоа ќе биде онаа на која играм јас. Дури тогаш почна да се смее и почувствував олеснување“.
Во првата сезона за Реал Мадрид, Белингем одигра 42 официјални натпревари и постигна 23 гола, додека на своите соиграчи им асистираше 13 пати при постигнување голови.