Димитар Апасиев и Левица, заедно со извршителот кој работи и со Дрин Ахмети, внукот на нивниот коалиционен партнер, Али Ахмети, купиле деловен простор во центарот на Скопје за 3 пати пониска цена од пазарната, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Според партијата на власт, паднал толку ниско, што си го прекршил дадениот професорски збор само за да добие нешто во негова корист од извршителите.
Оттаму додаваат дека „Апасиев, најверојатно, по препорака на Ахмети, добил контакт од извршителот Андреја Буневски, за да се договорат да си купи Апасиев деловен простор од 409 м2, преку одземен имот од граѓани или од фирма, која паднала финансиски и не можела да го исплаќа кредитот“.
-Институциите треба да се позанимаваат со тоа како Апасиев купил простор за 3 пати пониска цена од пазарната и дали постои некаков скриен договор меѓу Апасиев, извршителот и банката, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена од собраниската говорница изјави дека Апасиев е далеку од тоа што се претставува, укажувајќи дека тој пред народот е против извршителите, освен кога од нив купува три пати поевтин деловен простор во центарот на Скопје.
„Тоа што јас денеска во Собрание го споменав е само континуитет на сите оние навреди, конструкции кои што овој политичар ги рефлектира, најчесто на социјалните мрежи или на собраниската говорница каде ужива имунитет. И ценам дека ова е само почеток, ќе следат уште многу други работи, откривање на работи дека далеку се тие од тоа што се обидуваат на вештачки начин да се претстават, не само тој, туку и тие од неговото опкружување.
Политичката партија Левица кон крајот на ноември 2024 година купува во центарот на Скопје деловен простор, тој призна дека е подрум и приземје, 420 метри квадратни, по цена со ДДВ 295.000 евра. Би рекол или е подарок заради остварување на некаква цел, или договорот има и втор дел кој што ние не го гледаме, и затоа јас реков органите сето тоа да го проверат“, нагласи Мицкоски и објасни дека метар квадратен вреди најмалку три пати повеќе од тоа што тие го платиле и што Град Скопје го проценува.
Како што велат од опозициската партија, преку хипотекарен кредит ги обезбедиле своите први простории откако постои, како централа за сите политички активности на партијата. Односно, купените простории се под залог.
-Цената на квадратот, како и во сите случаи на купопродажба, е дефинирана со деловни преговори помеѓу продавачот и купувачот. Се работи за подрумски простории, кои се во руинирана состојба. Со спомнуваната банка Левица нема никаква деловна соработка, освен како продавач на овој имот кој бил под стечај веќе две години и пропаѓал, додаваат од партијата на Димитар Апасиев.