Како Астон Вила се спаси од одземање 10 бода во Премиер лигата?

од Vladimir Zorba
40 прегледи

Астон Вила беше многу блиску до казна со која клубот ќе изгуби 10 бода во Премиер лигата во новата сезона, открива „Дејли Меил“. Санкцијата му се закануваше на тимот од Бирмингем за кршење на правилата за профитабилност и одржливост, бидејќи тие беа на работ да го прекршат условот дека клубот не може да забележи загуби од повеќе од 105 милиони фунти во период од три последователни сезони. Сепак, ситуацијата ја спаси продажбата на Даглас Луис во Јувентус за над 40 милиони фунти.

Од клубот потврдија дека ситуацијата е навистина загрижувачка.

„Се најдовме во позиција каде што бевме обврзани да генерираме значителни приходи за да избегнеме казна“, изјави Дамиен Видагани, кој е директор за фудбалски операции на Астон Вила.

„Кога сите ги прославуваа нашите квалификации за Лигата на шампионите во мај, јас и Мончи (директорот за трансфери на клубот – н.з.) бевме на забава и само размислувавме како да се извлечеме од одземањето бодови што ќе ја уништи нашата инаку одлична сезона. Часовникот на бомбата одбројуваше и моравме да го пресечеме кабелот. Успеавме да го решиме проблемот во последната секунда“, продолжи Видагани.

„Помеѓу 20 мај и 30 јуни е период на одмор за сите во светот на фудбалот, но за нас тоа беше многу тешко време. Не се работи само за продажба на одредени играчи за да се направи профит. Тие треба да бидат играчи за кои менаџерот Унаи Емери верува дека не се од витално значење за тимот. На пример, добивме многу понуди за Џејкоб Ремзи, но ова е фудбалер на кој се потпира Унаи“, објасни директорот.

Сето ова го потврди и Мончи: „Да го продадовме Ремзи, проблемот веднаш ќе беше решен. Друга опција беше да се стави Оли Воткинс на трансфер листата. Можевме да се разделиме и со најдобриот голман на светот – Емилијано Мартинез, бидејќи имаше понуди и за него“.

Сметката сепак излезе, откако буквално на последниот ден – 30 јуни беше финализиран трансферот на Даглас Луис во Јуве. Се работи за 42 милиони фунти плус двајца играчи – Самуел Ајлинг-Јуниор и Енцо Баренецеа.

Инаку, за ваквото непочитување на правилата минатата сезона им беа одземени бодови на Евертон и Нотингем Форест.

Лестер сега успеа да избегне казна бидејќи независна комисија објави дека Премиер лигата нема право да ги санкционира „лисиците“ за прекршок кој е регистриран во моментот кога тие не беа дел од Премиер лигата. Станува збор за изминатата сезона, во која „лисиците“ беа во Чемпионшип.

Слични содржини