Како Балканот изгуби милиони жители?

од Vladimir Zorba
375 прегледи

Првите пописи на населението по пандемијата во земјите од регионот покажаа загрижувачки бројки. Хрватска „загуби“ речиси 400.000 жители за една деценија, додека Северна Македонија загуби 185.000 жители за две децении, пишува „Ал Џезира Балканс“.

Гледајќи ги статистичките записи, јасно е дека на територијата на поранешна Југославија денес живеат речиси 2,7 милиони луѓе помалку отколку во 1991 година.

Со оглед на тоа што резултатите од новите пописи на населението за повеќето земји од регионот ќе дојдат оваа и следната година, таа бројка најверојатно ќе надмине три милиони.

Пописот од 1991 година, спроведен во времето кога започнаа војните на територијата на поранешната држава, беше повторен во некои поранешни републики кои стекнаа независност за да го утврдат официјалниот резултат.

Според пописот од 1991 година, Србија била убедливо најбројната југословенска република со речиси 9,8 милиони жители. Во „смалената Србија“ (без Косово и Војводина) имало 5.808.906 жители, во Војводина 2.031.992, додека бројката за Косово е всушност проценка на Заводот за статистика, бидејќи мнозинството Албанци од Косово го бојкотирале пописот. Според тие записи, во Србија без територијата на Косово живееле 7,8 милиони жители.

Во 1991 година, Хрватска имала речиси 4,8 милиони жители, а Босна и Херцеговина 4.365.369.

Тогашната Социјалистичка Република Македонија имаше нешто повеќе од два милиони жители, а Словенија речиси два милиони.

Поранешна република со најмал број жители била Црна Гора – со 615.000 жители.

Исчезнување на населението

Ако пописот од 1991 година се спореди со најновите достапни податоци за земјите од регионот, евидентно е дека населението значително се променило.

Гледајќи колективно, денес во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина живеат 2,3 милиони луѓе помалку отколку во 1991 година.

Србија имала 7.186.862 жители на последниот попис на населението спроведен во 2011 година. Пописот не ја опфати територијата на Косово, а резултатот е делумно нецелосен поради бојкотот на пописот во Прешево, Бујановац и Медвеѓа.

Ако ова се спореди со бројката од 1991 година (7,8 милиони), јасно е дека Србија за 20 години „изгубила“ 650.000 жители. Пописот во октомври 2022 година се очекува да покаже дека оваа бројка е уште поголема, а многу аналитичари сметаат дека има големи шанси Србија да падне под седум милиони жители.

Денеска Хрватска има 3.888.529 жители, што е за речиси 900.000 помалку отколку во 1991 година.

Според првиот повоен попис во 2013 година, Босна и Херцеговина има 3,5 милиони жители. Тоа значи дека во период од 22 години бројот на жители се намалил за 834.000.

Во 2022 година, по 19 години, Северна Македонија спроведе попис на населението. Од него се откри дека сме изгубиле речиси 190.000 луѓе во тој период. Бројот на жители не се промени значително од 1991 до 2002 година (минус 11.000).

Пописот во Словенија покажа дека бројот на жители во 2011 година бил поголем од 1991 година за речиси 100.000 жители.

Во 2011 година во Црна Гора живееле 5.000 луѓе повеќе отколку во 1991 година.

Војни, природен прираст и заминување на Запад

Страшниот период на војни на територијата на поранешна Југославија е еден од клучните фактори кои влијаеле на намалувањето на бројот на жители во деведесеттите, како и на големиот број внатрешно раселени лица.

Меѓународниот центар за транзициска правда проценува дека во војните во Југославија загинале вкупно 140.000 луѓе, а четири милиони станале бегалци.

Најголема штета претрпе Босна и Херцеговина. Се проценува дека околу 100.000 луѓе ги загубиле животите во оваа земја за време на војната. Најголеми загуби претрпеле Бошњаците и се верува дека околу 64.000 од нив биле убиени, што е три проценти од нивното вкупно население во споредба со пописот од 1991 година од цела Југославија.

Се проценува дека војната однела 20.000 животи во Хрватска, а 13.500 во Косово.

Сепак, воените настани не можат да го објаснат големото „исчезнување“ на населението забележано во последните пописи на населението.

Голема причина за „исчезнувањето“ на луѓето може да се најде во негативниот природен прираст што се бележи на целиот Западен Балкан.

Сепак, можеби клучната и најболна причина за големиот пад на населението е огромниот број луѓе кои ги напуштаат земјите од Западен Балкан.

Младите луѓе и сè повеќе цели семејства, често не само од финансиски причини, одат во земјите од Западна Европа, со билет во еден правец во џеб, додека земјите од Западен Балкан се повеќе стануваат „земја на стари луѓе“.

Слични содржини