„Како да го победите Путин? Престанете да бидете здодевни!“: Јулија Навална испрати моќна порака до светот

од Stefanija Kuzmanovska
416 прегледи

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска се обрати пред Европскиот парламент.

„Откако Путин првпат се обиде да го убие Алексеј, живеевме во јужна Германија неколку месеци. Алексеј се опорави од труењето, научи повторно да оди и да пишува. Пешачевме многу, понекогаш одевме на кратки патувања. На едно од овие патувања отидовме во Стразбур со децата. Тоа е еден од моите и омилените градови на Алексеј. Бевме таму неколку пати заедно. Сега мојот сопруг е мртов. Се вратив во Стразбур, но повеќе не шетам со семејството. Стојам овде и ви се обраќам вам и на цела Европа“, рече на почетокот Јулија.

Таа наведе дека конечно е организиран погребот на Алексеј Навални, но дека не е сигурна дека руската полиција нема да ги уапси оние кои ќе дојдат да се простат од него.

„Минатата сабота се навршија две години откако Путин започна сеопфатна војна против Украина. Брутална и предавничка војна. Целиот свет дојде на помош на Украина. Но, поминаа две години, има многу исцрпеност, многу крв, многу разочарување, а Путин не отиде никаде. Сè е веќе искористено: оружје, пари, санкции… Ништо не функционира. И се случи најлошото: Сите се навикнаа на војна. А потоа Путин го уби мојот сопруг Алексеј Навални.

По негова наредба, Алексеј бил мачен три години: Умрел од глад во мала камена ќелија, отсечен од надворешниот свет, не му биле дозволени посети, телефонски повици, па дури ни писма. А потоа го убиле. И после тоа го злоупотребувале неговото тело и ја малтретирале неговата мајка“, изјави Јулија Навална.

Овој случај, посочува таа, му покажа на светот на што е подготвен Путин. Додаде дека кај луѓето забележува очај бидејќи не веруваат во победа над Путин. Затоа, многумина ја прашуваат како да помогнат во борбата.

„На почетокот на јуни имате избори. Многумина од вас ќе водат кампања – се среќаваат со гласачи, даваат интервјуа, снимаат реклами. Сега замислете дека сето ова е невозможно. Ниту една телевизија нема да ве интервјуира. Ниту една сума пари во светот не може да ви помогне со рекламирањето. Сите гласачи кои доаѓаат на митинзите се уапсени заедно со кандидатот.

Добредојдовте во Путиновата Русија. А сепак, Алексеј Навални успеа да стане најпознатиот политичар таму. Тој можеше да инспирира милиони луѓе со своите идеи. Како го направи тоа? Секогаш сонуваше и експериментираше. Не е дозволено на ТВ? Ајде да научиме како да правиме видеа на YouTube за да може да ги гледа целата земја. Не смеете да гласате? Можете да смислите тактичка стратегија за гласање за да одвоите места од владејачката партија. Дури и во канџите на Путин, Алексеј успеа да пренесе идеи за проекти кои би предизвикале паника во Кремљ. Тој беше спротивно на сè што е досадно“, нагласи Навална.

Токму ова е одговорот на прашањето, истакна вдовицата на руски опозиционер.

„Ако навистина сакате да го победите Путин, мора да станете иновативни. И треба да престанете да бидете здодевни. Не можете да го повредите Путин со друга резолуција или друга група санкции кои не се разликуваат од претходните. Не можете да го победите со тоа што мислите дека е принципиелен човек кој има морал и правила. Тој не е таков, а Алексеј одамна го сфати тоа. Не си имате работа со политичар, туку со мафијаш. Путин е водач на организирана криминална група.

Во оваа борба имате сигурни сојузници – десетици милиони Руси се против Путин, против војната, против злото што тој го носи. Не смеете да ги бркате – напротив, мора да работите со нив. Со нас. Путин мора да одговара за тоа што ѝ го направи на мојата земја. Путин мора да одговара за тоа што ѝ го направи на соседната, мирна земја. Путин мора да одговара за се што му направи на Алексеј. Мојот сопруг нема да види како ќе изгледа прекрасната Русија на иднината, но ние тоа мора да го видиме. И ќе дадам се од себе да му го остварам сонот, тоа зло да падне и да дојде оваа убава иднина“, заклучила Навална.

Слични содржини