Како да ја мрднеме инфлацијата надоле?

од Nikola Popovski
540 прегледи

Инфлацијата во Македонија повторно забрза. Статистика објави, а Народна банка потврди дека годишната инфлација во мај изнесува 3,3 проценти. Високата стапка на инфлација во најголем дел се должи на растот на цените на прехранбените производи, поради завршувањето на важноста на мерките за ограничување на маржите, како и поради големиот увоз на храна. Сепак, според економските експерти оваа стапка на инфлација е очекувана за овој период од годината и не треба да не загрижува.

-Во летниот период почнуваат инфлациските притисоци. Се зголемува потрошувачката, почнува туристичката сезона, доаѓаат иселениците кои исто така ја подгреваат инфлацијата…. Регулаторот ги презема сите мерки кои се во негова надлежност за да ја намали инфлацијата, која не зависи само од внатрешни, туку и од многу надворешни фактори како украинската криза и несигурното опкружување. Треба да бидеме внимателни и да преземеме мерки на претпазливост со оглед на фактот дека инфлацијата во мај забрза и изнесува 3,3 отсто, изјави за „Локално“, Синиша Наумоски, универзитетски професор и економски експерт.

Синиша Наумоски

Според него, освен надворешната неизвесност и домашните фактори во овој туристички период вообичаено ја подгреваат инфлацијата.

-Добро е што економската активност е 3 отсто и е во согласност со очекувањата. Девизните резерви во континуитет растат што е силината на една држава. Тие изнесуваат 4,7 милијарди евра и е стабилно ниво на девизни резерви во рамките на очекувањата. Дополнителен монетарен сигнал е кредина поддршка која е над проекциите, додава Наумоски.

Тој смета дека, увозот на храна кој ја подгрева инфлацијата треба да се намалува за сметка на зголемување на домашното земјоделско производство.

И министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изрази загриженост од трендот на пораст на увозот на храна.

– Во моментов најмногу ме загрижува зголеменото ниво на увозот на производи во земјава, особено на храната, што е еден од клучните ризици за пораст на инфлацијата. Дополнителен притисок на инфлацијата може да направи и порастот на финалната потрошувачка на граѓаните, која е зголемена за дури седум отсто. Во проекциите на ребалансот, инфлацијата нема да се проектира на повисоко ниво од првичната прогноза за буџетот за годинава од 2,2 отсто, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.

Според статистиката, најголемиот удар врз џебот на граѓаните го задаваат рестораните и хотелите, каде цените се зголемени за 7,8 проценти во однос на истиот месец лани. Посебно загрижувачко е зголемувањето на цените кај земјоделските производи за 7,6 проценти, а следуваат прехранбените производи со пораст од 5,3 проценти, и индустриско-прехранбените со 4,5 проценти.

Б.С.

Слични содржини