Како да се подготвувал за војна – рачна граната и илјадници куршуми пронајдени кај млад скопјанец

од Љубиша Владимиров
15 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 29-годишен маж осомничен за нелегално поседување и тргување со оружје и експлозивни материи.

При полициска акција во дом на улицата „Благоја Паровиќ“ во Скопје, надлежните органи откриле вистински арсенал – автоматска пушка калибар 7,62×39 мм, четири рамки со вкупно 120 куршуми и дополнителни 779 куршуми ист калибар, кои се користат за различни видови автоматско и полуавтоматско оружје.

Исто така, биле пронајдени три рамки со 51 куршум калибар 9 мм Para, како и уште 136 куршуми од истиот калибар, како и 31 куршум со калибар 7,65 мм. Освен муницијата, полицијата запленила и рачна офанзивна граната РГД 5, која има смртоносен дострел до 20 метри.

Осомничениот чувал и преправено оружје – пиштол ZORAKI М 906-B, кој бил модифициран за испалување вистинска муниција, пневматски пиштол SIG SAUER M17, полуавтоматски пиштол RANGER RA9, како и 51 куршум од типот 9 мм P.A.K., наменет за звучна сигнализација.

Целото оружје и муниција се одземени, а Обвинителството побара притвор поради опасност од бегство и повторување на делото. Судот ќе одлучи по предлогот.

Ова е уште еден случај кој покажува колку е важно сузбивањето на нелегалното оружје и заштитата на јавната безбедност.

Слични содржини