Како да се постави Македонија доколку Трамп воведе царини против ЕУ: „Се очекуваат значителни промени, внимателно да се балансира“

од Nikola Popovski
539 прегледи

Победата на Доналд Трамп ќе има економски последици за остатокот од светот кои најверојатно ќе бидат многу длабоки и непосредни. Увозните тарифи, вклучително и универзална царина од 10% за увоз од сите земји и 60% за увоз од Кина, се клучниот столб на политиките на Трамп и веројатно ќе имаат најголемо глобално влијание. Дали тоа ќе започне глобална трговска војна и каков одговор се очекува од Европа се најчесто поставуваните прашања откако на власт во САД дојде новата администрација.

Дел од економските експерти велат дека aко Трамп воведе царини против Кина и Европската Унија, тоа би можело да поттикне глобална трговска војна, особено ако Кина и ЕУ одговорат со сопствени царини или трговски мерки. Историјата покажува дека трговските војни обично водат до зголемување на цените за потрошувачите и намалување на трговската активност меѓу земјите, што може негативно да влијае врз економскиот раст. Според економистот Зоран Витанов, главната цел на новиот американски претседател за царините е да го заштити американското производство и работни места.

-Но, ако другите земји одговорат со ограничувања за американските производи, тоа би можело да ги намали извозните можности на американските компании. На глобално ниво, трговските војни можат да доведат до дестабилизација на пазарите, создавање на нови трговски блокови, и намалување на довербата во глобалниот трговски систем. Поради големата зависност на земјите една од друга во однос на трговијата, се очекува дека, ако навистина дојде до зголемување на царините, многу влади ќе се обидат да најдат компромис пред ситуацијата да ескалира во целосна трговска војна. Со други зборови, очекувам Трамп да ретерира и да влезе во преговори со тие земји пред веднаш да донесе одлуки, посочува Витанов во разговор за „Локално“.

Зоран Витанов

Според него, ако ЕУ одговори на американските царини со сопствени мерки, како контра-царини или ограничувања за увоз на американски производи, тоа би можело да доведе до забавување на трговската размена и поскапување на одредени производи во Европа и САД. Ваквата размена на царини ќе поттике инфлација, бидејќи зголемените трошоци за увоз директно се одразуваат на крајните цени за потрошувачите.

-Со оглед на тоа што Трамп планира да воведе царини на широка палета производи, ЕУ би можела да биде принудена да го зголеми производството на одредени стоки локално или да најде нови добавувачи од трети земји. Меѓутоа, во краток рок, цените на некои производи што зависат од американскиот увоз веројатно би се зголемиле, особено во индустрии каде Америка е главен снабдувач или каде замените не се лесно достапни. На пример, електрониката, одредени автомобилски делови, или агро-производите би можеле да се соочат со раст на цените.

ЕУ, исто така, може да се обиде да ги засили трговските односи со други пазари како Кина, Русија (односот кон Русија секако ќе се смени со Трмп), или Јапонија за да го ублажи влијанието на новите американски мерки. Сепак, една глобална трговска војна може да го намали и глобалниот економски раст, што ќе ги поттикне владите да бараат дипломатски решенија за да се избегнат долгорочни последици. Друго е прашањето што во Европа во моментов има сериозна криза на лидерство, од кои може да се еочекува и неекономски, односно сервилен однос кон политиките на Трамп. Сепак јас во мојот одговор се држам на здраворазумни економски политики, наведува Витанов.

Околу тоа како треба Македонија да се позиционира во таква ситуација, соговорникот објаснува дека е важно проактивно да се позиционира во ваква потенцијално нестабилна глобална економска ситуација.

-Земјава, како мала економија со отворен пазар и енерхетски зависна, е особено чувствителна на глобалните трговски превирања, па затоа би било препорачливо владата и релевантните институции да започнат со подготовка уште сега, наместо да чекаат да се случат промени, анализира Витанов и порачува неколку конкретни чекори кои би можеле да бидат преземени од македонска страна:

1. Диверзификација на трговските партнери: Македонија би можела да работи на засилување на трговските односи со земји надвор од ЕУ и САД, за да ја намали зависноста од овие пазари. Поттикнување на економски односи со пазари во Азија, Блискиот Исток или Африка може да обезбеди алтернативни извори за увоз и пласман за извоз.

2. Поддршка за домашното производство: Во услови на трговска војна и можни царини, поддршката за домашните производители ќе биде клучна за одржување на стабилни цени и за задоволување на домашните потреби. Ова вклучува мерки за поттикнување на производство на стоки кои се увезуваат во големи количини и можат да се произведат локално.

3. Изработка на стратегија за стратешки резерви: Во случај на глобална трговска криза, многу земји се соочуваат со недостаток на стоки или зголемени цени. Подготовката на стратешки резерви, особено за основни прехранбени производи и енергенси, би можела да помогне во стабилизирање на домашниот пазар.

4. Мониторинг на глобалните случувања: Создавање тим кој ќе ги следи глобалните економски и трговски случувања би помогнало Македонија да има точни информации за секоја промена во реално време. Овој тим би можел брзо да предложи и имплементира соодветни мерки, согласно новите услови.

5. Поддршка за малите и средни претпријатија (МСП): Бидејќи малите и средни претпријатија се ранливи на промените на пазарот, потребно е да се обезбеди поддршка преку субвенции, олеснувања или кредити за нивно прилагодување во новите услови.

-Иако е невозможно точно да се предвиди како ќе се развијат овие настани, превентивните мерки и стратегиите за диверзификација и стабилизација би можеле да ја направат Македонија поспремна и пофлексибилна во справувањето со глобалните предизвици. На среден рок, македонската економија може значително да профитира од промените на глобалните текови, оценува Витанов во својата анализа.

Со враќањето на Трамп во Белата куќа, трговските и економските односи на глобално ниво би можеле да се соочат со значителни промени. Обврската за зголемено финансирање на НАТО со 2% од БДП врши дополнителен притисок врз буџетите на помалите економии, како што е Македонија, кои веќе се борат со предизвици од одржливост на јавниот долг и ниска стапка на раст, вели економскиот аналитичар Абил Бауш.

Абил Бауш

Според него, Македонија е помеѓу „чеканот и наковалната“ во однос на новите геополитички притисоци, особено ако се влошат трговските тензии меѓу САД и ЕУ.

-Поради својата позиција како земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија мора внимателно да балансира меѓу обврските кон своите западни партнери, што вклучува НАТО, и потенцијалните последици од можни трговски санкции или други мерки кои би можеле да го попречат нашиот економски раст.

-Во ваква ситуација, сметам дека Македонија треба активно да бара решенија кои би ја заштитиле нејзината економија. Ова може да вклучува диверзификација на трговските партнери, подобрување на конкурентноста на домашните производи и постепено намалување на зависноста од увозот во стратегиски сектори. Задржувањето на блиски односи со ЕУ е клучно, бидејќи за Македонија, европскиот пазар и интеграција во Унијата нудат подолгорочна стабилност и сигурност, потенцира аналитичарот.

Најавената поддршка од кампот на Трамп за развој на трговијата и економијата, како и за стратешки договори, додава Бауш, отвора можност за значително зајакнување на економските врски меѓу Македонија и САД. Овој потег може да го поддржи развојот на македонската економија преку нови инвестиции, што би ги засилило клучните сектори, како што се технологијата, енергетиката и инфраструктурата.

-Меѓутоа, Македонија треба внимателно да ги разгледа условите и целите на овие стратешки договори, за да се избегне краткорочно ориентирана политика која би можела да создаде зависност од странски капитал без одржлив развој. Истовремено, овој фокус на САД може да влијае на геополитичката динамика во регионот, особено со оглед на долгорочната ориентираност на Македонија кон Европската Унија, потенцира соговорникот и додава дека земјата треба да ја искористи оваа поддршка како можност за економски раст, но и да се задржи на патот на европските интеграции, што би овозможило поголема стабилност и одржлив развој на долг рок.

Н.П.

Слични содржини