Актуелниот американски претседател Доналд Трамп отсекогаш бил поврзан со спортот и спортските настани, но еден потег од минатото го чинеше милијарди долари. Во раните 1980-ти, Трамп имал можност да влезе во најсилната американска фудбалска лига – НФЛ – со купување на неколку клубови. Една од понудите што ја одбил била купување на франшизата Далас Каубојс за 50 милиони долари.
Трамп ја одбил оваа опција, оценувајќи дека не вреди да се инвестира толкава сума и предвидувајќи дека клубот нема иднина. Наместо тоа, тој одлучил да инвестира во тогашната ривалска лига – USFL – и го купил мнозинскиот удел во тимот Њу Џерси Џенералс. USFL била создадена како алтернатива на НФЛ, главно составена од ветерани или играчи кои не добиле шанса во најсилната лига.
Трамп вложил значителни средства со цел да ја засили лигата и дури се обидел да привлече ѕвезди од НФЛ, вклучително и Лоренс Тејлор, кому му дал заем од еден милион долари за да се придружи на неговиот тим. Трамп активно се залагал за спојување на двете лиги, надевајќи се дека на тој начин ќе добие влез во НФЛ. Меѓутоа, USFL не успеа да се етаблира како сериозен конкурент и по само неколку сезони, во 1986 година, лигата се распадна.
Во меѓувреме, НФЛ доживеа огромен раст и стабилизација. Далас Каубојс, клубот кој Трамп го одби, денес е проценет на повеќе од 10 милијарди долари, правејќи го еден од највредните спортски брендови во светот. Одлуката да се инвестира во USFL наместо во НФЛ се покажа како една од најголемите промашени инвестиции во кариерата на Трамп.