Како Ѓорѓиевски дели милионски тендер на бизнисмен за кој неговата партија обвинуваше дека е дел од градежната мафија која сака да го бетонизира Влае, прашуваат од Левица

Партијата на Апасиев критикува велејќи дека власта „овој бонбона бизнис го дели на бизнисмен кој го обвинуваа за коруптивни шеми и криминални зделки“

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук

Левица објавува нов скандал. Како што велат од партијата, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тендерот за зимско одржување на улиците(во вредност од еден милион евра) го доделил на фирмата ,,Нексос Инженеринг”, каде сопственик е добро познатиот Јонче Спиркоски.

Според партијата, Спиркоски во минатото станал познат во јавноста со неговата фирма ,,Аполо Инженеринг”, за која токму ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции обвинувал за сериозен криминал со спорните високатници кои требаше да се градат во населба Влае.

-Како Орце Ѓорѓиевски сега дели милионски тендер на бизнисмен за кој неговата партија обвинуваше дека е дел од градежната мафија која сака да го бетонизира Влае?!

За контроверзниот ДУП во Влае и бизнисменот Јонче Спирковски, медиумите претходно објавуваа дека фирмата на Спирковски извршила скандалозна приватизација на улицата „Есперанто“, каде успеала да приватизира 153 квадратни метри по цена од само 285 денари за метар квадратен, порачуваат од опозициската партија.

Левица критикува велејќи дека власта „сега овој бонбона бизнис го дели на бизнисмен кој го обвинуваа за коруптивни шеми и криминални зделки“.

-Како и за сите претходни тендери кои институциите на ДПМНЕ ги поделија на фирми кои ги обвинуваа за криминал, очекуваме и Ѓорѓиевски да излезе со познатите флоскули дека “тендерот е спроведен согласно законите”. Очигледно е дека криминалните тендери и шеми за провизии ги продолжи партијата на Мицкоски онаму каде што застана претходната власт на СДС, стои во партиското соопштение.