Како јавниот долг преку ноќ се намали од 62 на 57,7 отсто?

од Nikola Popovski
9,K прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска се пофалија дека во првиот квартал од годинава јавниот и државниот долг се намалени. Јавниот долг е 57,7 отсто, а државниот долг е 50,1 отсто од БДП. Но, за економнските експерти ова бројка е само манипулација на јавноста со оглед дека неодамна истиот изнесуваше 62 отсто. Ова пред два месеци го потврди и  Масимилијано Паолучи, директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија кој рече дека јавниот долг во Северна Македонија значително е зголемен и сега е на 62,4 проценти од БДП што е 14 проценти над нивото од пред пандемијата. Тој рече дека ова се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек изнесуваат 5 проценти годишно.

Економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ смета дека јавниот долг оваа година ќе надмине 10 милијарди евра, и сигурно ќе остане над 60 отсто од БДП.

-Ова е класична манипулација од страна на Владата. Овие бројки за јавен долг од 58 отсто од бруто домашниот производ се однесуваат на првиот квартал на 2025, а за првиот квартал сѐ уште нема податоци за БДП. Бројката за БДП што ја користат е нивна проекција, која е крајно нереална, затоа што претпоставува дека БДП во првиот квартал ќе порасне за 5 отсто во однос на последниот квартал на 2024, што нема шанси да се случи. Она што е факт кога е јавниот долг во прашање е дека тој на крајот на 2024 година, кога има податоци и за јавен долг и за БДП, изнесува 62 отсто од БДП. Од тогаш па до крајот на март долгот е останат скоро непроменет во апсолутен износ – 9.6 милијарди евра. На ова треба да се додаде и новото задолжувањето кое ќе се случи во 2025, кое според буџетот ќе биде 650 милиони евра. Што значи дека јавниот долг оваа година ќе надмине 10 милијарди евра, и сигурно ќе остане над 60 отсто од БДП, изјави за „Локално“, Јовановиќ.

Бранимир Јовановиќ

Според него, Владата сама се демантира, бидејќи претходно изјави дека јавниот долг оваа година ќе биде 65 отсто од БДП.

-Впрочем, самата Влада во Стратегијата за управување со јавниот долг која ја објави во октомври кажува дека јавниот долг оваа година ќе биде 65 отсто од БДП. Можеби нешто е сменето оттогаш, можеби долгот ќе испадне нешто понизок од тоа, ама нема шанси да биде 58 отсто, и затоа е крајно неодговорно од Владата да излегува со вакви изјави, вели Јовановиќ.

Според премиерот намалувањето на јавниот и државниот долг се олични индикатори за состојбата на македонската економија.

„Ова е најниско ниво во последните пет години и споредено со состојбата од 2020 година, јавниот долг е намален за 2%, а државниот долг е намален за 0,7%. После првата фаза на стопирање на слободното паѓање што се случуваше седум години, побргу од очекуваното се случи консолидирање, сега следува период на развој и реализација на стратешките цели во овој мандат на владата. Продолжуваме со дисциплинирани и развојни економски политики“, напиша Мицкоски на својот фејсбук.

Според податоците на Министерството за финансии заклучно со 31 декември 2014 година јавниот долг е 61,9 проценти од БДП. Државата должи 9,6 милијарди евра, или секој жител во земјата има долг од над 5.300 евра. Јавниот долг изнесуваше околу 8,8 милијарди евра во третиот квартал од 2024 година, но сумата се зголеми по заемот од една милијарда евра од Унгарија за субвенционирање на општините за инфраструктурни проекти.

Б.С.

Слични содржини