Како ќе се спроведува пописот?

од Берта Китинска
480 прегледи

Новата методологија на попис предвидува комбиниран пописен модел. Ќе се вкрстуваат бази на податоци од 9 државни институции со одговорите кои повеќе од 5500 попишувачи ќе ги соберат на терен директно од граѓаните.

“Комбинираниот метод за спроведување на пописот има свои предности. Тоа е намалување на потребното време за прибирање на податоците, намалување на трошоците за пописната операција, намалување на потребното време за обработка на податоците, како и многу повисоко ниво на квалитет на податоците од пописот”, рече Симовски.

На попишувачот кога ќе му го кажете вашиот матичен број и тој ќе го внесе во компјутерот поголемиот дел од прашањата за кои системот може да најде одговори во базите автоматски ќе се пополнат. Вие ќе треба само да ги потврдите информациите или да ги измените ако некаде има потреба за тоа.

Можете да попишете и лице кое во тој момент не е во домот, но ќе треба да го знаете неговиот матичен број а податоците кои ќе ги дадете ќе мора да се поклопуваат со оние податоци кои попишувачот ќе ги добие на мониторот на својот лаптоп кога ќе го вметне матичниот број.

Лицата кои се надвор од државата помалку од една година и имаат место на живеење тука ќе влезат во резиденти, а тие надвор од земјава над една година во нерезиденти. Тие ќе влезат во вкупната бројка на население. Ќе можат сами да се попишат од 1 март до 21 април на посебна апликација само за нив, која статистика тврди дека е безбедна.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека заштитата на здавјето на граѓаните треба да биде приоритет. Потенцира дека опозициската партија никогаш нема повикано на бојкот на пописот, туку на негово одложување.

„Попис треба да има пролетта во 2022 година, во март или април. До тогаш ќе имаме фингер принт терминали кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сега сакаат, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат“, вели Мицкоски.

Законот предвидува и казни  од 200 до 300 евра за оној што ќе одбие да ги даде податоците што се бараат од него или ако даде неточни податоци.  Резултатите од пописот треба да бидат објавени  во рок од 6 месеци по неговото завршување.

Последниот збор дали пописот во април ќе биде безбеден за здравјето на гртаѓаните, ќе го има Комисјата за заразни болести.

 

 

 

Слични содржини