Актуелно
Почетна / Бизнис / Kако коронавирусот влијаеше на земјите во регионот

Kако коронавирусот влијаеше на земјите во регионот

Германско – српската трговска комора организираше вебинар на тема Регионална бизнис перспектива по Ковид 19 и во таа прилика собра пет сестрински комори во регионот. Претставници на коморите на Грција, Бугарија, Турција, Романија и Северна Македонија разговараа за донесените државни мерки, како и за тековната економска состојба во нивните земји.

Најголемите загуби се забележани во автомобилската индустрија, туризмот и угостителството, а најголемиот товар го носат малите и средни претпријатија. Иако сите земји презедоа одредени економски мерки и одобрија економска помош, сепак не е доволно земјите да ја поправат кривата на економскиот пад, а закрепнувањето во повеќето земји се очекува во 2021 година, пренесува eKapija.

Митко Василев од Бугарско – германската стопанска комора рече дека коронавирусот предизвика големи економски и социјални предизвици, со кои претходно никогаш не се соочиле.

“Бугарија одобри пакет помош во вредност од 2,3 милијарди евра за да ја поддржи економијата и сочува работни места. Исто така, ЕК одобри помош од 255 милиони евра за поддршка на мали и средни претпријатија“, рече Василев.

Атанасиос Келемис од Грчко – германската стопанска комора истакна дека Грција забележала колапс во туризмот, од којшто зависи 25% од грчкиот БДП.

“Грција очекува рецесија и пад од 9,7%, но веќе следната година може да има раст од 7,5%, којшто би бил највисок во Европа. Не би бил изненаден и падот да биде повеќе од 10%“, рече тој. Потсети и дека Грција обезбеди пакет помош од 20,4 милијарди евра и дека сезоната за летување за странски туристи почнува од 15 јуни.

Развојната банка на нашата земја даде директна финансиска помош во вид на бескаматни кредити во износ од 3.000 евра до 30.000 евра на микро, мали и средни претпријатија.

Патрик Мартенс, претставник на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, рече дека вкупната помош на државата во приватниот сектор изнесува 355 милиони евра.

“За сите вработени во приватните компании кои се погодени со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус ќе биде обезбеден надомест во висина на минималната плата на вработените кои се финансираат од буџетот во износ од 235 евра“, рече Мартенс.

Тој истакна дека Северна Македонија е извозна земја и јасно е зошто короната влијаела на индустријата.

“За разлика од Грција и Албанија, Северна Македонија не се потпира на туризмот, што може и не мора да биде предност“, заклучи Мартенс.

“Во Романија оваа година се предвидува рецесија од 6,8%“, изјави Себастијан Мец од Романско – германската стопанска комора, но изјави дека земјата очекува раст од 4% наредната година.

Мартин Кнап, директор на Германско – српската стопанска комора рече дека земјите од Западна Европа биле изненадени како Србија успешно се бори со коронавирусот, а дел се препишува на државните мерки, но и на дисциплината на граѓаните.

“Една од мерките кои Србија ги воведе е т.н. пари од хеликоптер, во износ од 100 евра, чија исплата почна на почетоков на неделава“, рече Кнап.

Тило Пал од Германско – турската стопанска комора рече дека поголемиот дел од економијата на земјата се потпира на извоз и туризам, а 50% од извозот оди во земјите од ЕУ.

loading...