Како македонски мозочни примероци станаа дел од меѓународно научно истражување во САД

Македонски биолошки примероци биле вклучени во големо меѓународно научно истражување за психијатриски нарушувања, спроведувано под водство на Универзитет Колумбија, а насочено кон проучување на мозочни промени поврзани со самоубиства, шизофренија и други ментални состојби.

од desk4
13 прегледи

Македонски биолошки примероци биле вклучени во големо меѓународно научно истражување за психијатриски нарушувања, спроведувано под водство на Универзитет Колумбија, а насочено кон проучување на мозочни промени поврзани со самоубиства, шизофренија и други ментални состојби. Темата повторно привлече внимание по објавувањето на документи од американското Министерство за правда поврзани со случајот Џефри Епстин, во кои индиректно се споменува и Македонија.

Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, Алексеј Дума, во изјава за Дојче веле нагласува дека станува збор за долгорочна и целосно легална научна соработка, спроведена со сите потребни одобренија и во согласност со етичките стандарди.

Според достапните информации, истражувањето опфатило создавање меѓународна банка на човечки мозоци со околу илјада примероци од повеќе земји. Примероците биле земани по смртта, обработувани и транспортирани под строго контролирани услови до лаборатории во САД, каде што биле архивирани и евидентирани за научни анализи.

Дума појаснува дека македонскиот придонес бил ограничен и далеку помал во споредба со вкупниот број примероци во колекцијата. Од земјава, на годишно ниво, биле испраќани меѓу 10 и 15 примероци, исклучиво со претходно одобрение од етичките комисии во Македонија и во САД, како и со комплетна царинска и транспортна документација.

„Ниту еден примерок не можеше да се извезе без законски дозволи. Сè се одвиваше транспарентно, со авионски транспорт и под надзор“, истакнува Дума, отфрлајќи какви било тврдења за злоупотреби или финансиски интерес.

Во научните трудови како клучна врска меѓу американската и македонската страна се наведува професорот Горазд Росоклија, кој учествувал во координацијата на истражувањето и во административните процедури. Документи од 2014 година укажуваат дека соработката меѓу Универзитетот Колумбија и македонските институции започнала уште во средината на 1990-тите години.

Покрај научните резултати, проектот, според Дума, придонел и за развој на истражувачките капацитети во Македонија, преку опрема, лабораториска поддршка и можности за обука на млади научници. Дел од резултатите биле користени во повеќе меѓународни студии и публикации.

Иако темата повторно се актуализира во чувствителен јавен контекст, вклучените во проектот нагласуваат дека станува збор за стандардна меѓународна научна соработка, реализирана во рамки на законските и етичките норми што важеле во периодот на нејзиното спроведување.