Германците се за заљубени во статус кво, но тоа не може да се одржи. Макрон и Орбан се оние кои диктираат промени и честопати влечат на иста страна и се почитуваат едни со други.
Почесниот претседател на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), Едмунд Штојбер, во Будимпешта на 8 ноември годинава доби голема награда. Таа му беше врачена од унгарскиот претседател Јанош Адер.
Потоа, Штојбер се состана со унгарскиот премиер Виктор Орбан. За разговорот бешепредвиден еден час, а тие разговараа повеќе од три часа.
За што зборуваа? „Прво и најзначајно за европската политика и францускиот претседател Емануел Макрон“, рече Штојбер. „Драстичните зборови на Макрон дека Европа мора да се смета себеси како светска сила или таа ќе исчезне, сè уште не ги изговорил никој во таква сурова форма“, вели Штајбер.
Тој не остави никаква дилема дека се согласува со Макрон, иако Федералната канцеларка Ангела Меркел се спротивставува. И додаде дека Орбан гледа на тоа така – дека НАТО не е она што беше порано. Дека се сомнева дали НАТО ќе ја брани, да речеме, Естонија во случај на руски напад.
Заклучок на Штојбер: Европа мора да расте во одбранбената политика и да создаде своја силна војска. Орбан со задоволство ќе учествува во тоа „според можностите на неговата земја“.
Орбан и Макрон разговараа многу за тоа кога францускиот претседател го прими Орбан во Париз на 11-ти октомври. Потоа, Макрон објави дека разговарал со Орбан за иднината на НАТО и ЕУ и дека тие се согласиле за многу работи.
Претходно во септември, Макрон рече на конференција со амбасадори на неговата земја дека Орбан го „инспирирал“ – комплимент што Орбан постојано го испраќал до Макрон. Политичкиот курс на Орбан „носи културна и цивилизациска виталност“, Унгарија предводена од Орбан стана извидник во време на радикални промени, за разлика од другите европски земји, рече Макрон.
Поинаку го гледаат Макрон во Полска. Премиерот Матеуш Моравјецки ја нарече анализата на Макрон за Алијансата (НАТО е „клинички мртов“) „опасна“. Тој остро го нападна Макрон: дека Франција била оскудна во трошоците за одбрана; праша дали Моравјецки е подготвен да ги исполни своите обврски, изразувајќи надеж дека НАТО сепак може да се потпира на земјата.
„Зајадливиот“ тон не доаѓа случајно. Најчувствителната критика на Макрон – дека Соединетите Американски држави во случај на руски напад на која било од земјите од поранешниот источен блок, не би го гледале како „задолжителна заедничка одбрана” на НАТО – во суштина, тоа влијае на одбранбената политика на Полска
Варшава гледа на Русија како реална, конкретна закана за безбедноста на Полска и за Европската унија смета исто, како што Макрон за НАТО: дека не може да се потпира на неа во случај на опасност. Затоа Полска инвестираше многу енергија и пари во последните години за да ги придобие Американците. Владата го постигна тоа американските трупи да се стационирани во Полска и се надева дека ќе имаат блиски односи со САД во делот на безбедносната политика. Макрон го смета тоа за наивно. И можеби е наивно.
Неверојатно е што се случува овде: Макрон и Орбан станаа два интелектуални двигатели на дебатата за иднината на Европа. Моделите од минатото – за или против Европа, повеќе или помалку интеграции, повеќе ЕУ или повеќе нации-држави – тоа не спаѓа во сложените и понекогаш контрадикторни мисли, што тие ги формулираат.
На пример, Макрон го торпедираше проширувањето на ЕУ со Западен Балкан – со тоа „помала Европа“. Тоа е одлука со која широко се отвора вратата за руското, кинеското и турското влијание во регионот – оттука и „послаба Европа“.
И земјите од Централна и Источна Европа од таканаречената Вишеградска група (Полска, Унгарија, Чешка и Словачка), кои се познати како евроскептични, се страсни застапници на проширување – со тоа „повеќе ЕУ“. Од чист личен интерес. Ова значително ќе ја зголеми политичката тежина на „Истокот“ во рамките на ЕУ.
Макрон сака европски министер за финансии, директен данок на ЕУ, заедничка економска политика – „повеќе ЕУ“. Орбан и другите од Вишеградската група ништо од ова – „помалку ЕУ“. Сите сакаат повеќе пари од ЕУ, да речеме од новиот данок за финансиска трансакција – „повеќе ЕУ“.
Макрон и Вишеградската група сакаат вистинска европска армија – „повеќе ЕУ“. Франција, затоа што традиционално сака да биде сила и може да бара лидерска улога во европска армија. Полска има некаков интерес ако би било прашање да се спротивстави на Русија – само ако НАТО не пропадне. На Унгарија, Чешка и Словачка им се допаѓа оваа идеја затоа што тие се премногу мали за да создадат силна армија.
Накратко, додека во Германија често се поставува паушално прашање дали е за или против ЕУ или НАТО, Макрон и Орбан упорно го поставуваат прашањето за значењето во одредени области. Повеќе ЕУ каде има смисла. Не заради ЕУ, туку само таму каде што има и ако им служи на нивните интереси.
И тие се различни, поради што позициите делумно се спротивставуваат. Но, секогаш станува збор за национални интереси.
Германија e колеблива и воздржана. Таа јасно го признава правецот на Макрон, истата политика што Франција ја има кон Европа уште од Шарл де Гол: да ја спушти Германија политички, да го искористи својот економски потенцијал и, ако е можно, да ги спречи Германците да ја реализираат својата моќ и да сакаат повторно да тргнат по свој пат во Европа.
Германија – така веруваат во Источна и Централна Европа – е навистина моќна. И заради тоа збунета. Каде со своја тежина? Лево, прифатете ја Франција и следете европска „солидарност“? Десно, и со одобрување на источноевропејците, спроведување на класична национална политика за моќ?
Макрон и Орбан го прават она што во Германија го сметаат за најодвртано: тие стартуваат нови, нарушувачки идеи. Германија, како што ја гледаат во Франција и Централна и Источна Европа, е заљубена во статус кво, но тоа веќе не може да се одржи. Тоа тера на размислување. И може да ви предизвика главоболка.
Борис Калноки, дописник од Унгарија за „Ди Велт“ и други германски медиуми“.