Како можете да апсите министер кој бил пред 10 години, а да не го поапсите сегашниот – праша Апасиев и најави кривична пријава за Мицкоски

од Nikola Popovski
2,K прегледи

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев повторно го вперува прстот во министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски како еден од одговорните за трагедијата во Кочани. Според него, како што вели, при секоја ваква колективна траума, прво нешто е министерот да си даде оставка, ако не и целата влада.

-Тошковски не прави разлика меѓу гнев и револт, но тоа е негов пропуст, порачал Апасиев во емисијата „ТВ Објектив“ на КТВ.

Апасиев во гостувањето ја образложил интерпелацијата на Левица за министерот за внатрешни работи.

-Диско – шталата била оставена без контрола. Таа била партиски штаб, практично, на ДПМНЕ каде што сите локални функционери нивни се собирале, локале, јаделе, пиеле, веројатно, и без пари како што имаат обичај да прават. Нашата интерпелација е законски заснована. Ние ги следевме законските одредби од Законот за угостителска дејност, од Законот за внатрешни работи, од Законот за полиција. Ги следевме сите ингеренции кои не биле применети во случајот. Тоа се кардинални пропусти, вели лидерот на Левица.

– Вие ги немате обвинето тие што први требало да ги обвините, а тоа се актуелните носители на јавни функции, затоа што вие не сте дојдени истата ноќ на власт, па да речете ние сме нови. Не, вие сте година дена претходно. Сте имале илјадници можности. Државниот пазарен инспекторат, директорот Влатко Стојковски не направил инспекција. Од Дирекцијата за заштита и спасување, сега ги поапсија претходните. Како можете да поапсите министер кој бил пред 10 години, а да не го поапсите сегашниот? Нема логика! Обратно треба да апсите! Оттука треба да апсите, оттука натаму треба да апсите, а не оттаму наваму, додал Апасиев.

Најавил и интерпелација и кривична пријава за премиерот Христијан Мицкоски.

-Ќе следуваат и интерпелација за Премиерот и за Обвинителот; ќе следува и барање за надзорна расправа. Можеби, и постојаната анкетна комисија ќе се активира, затоа што ова е трагедија која не смее да остане под тепих и која, најбитно – можеше да биде спречена, доколку се постапуваше согласно закон”. Што е постапка за разрешување на јавен обвинител, па не го разрешуваме, освен пазар? Ние во тоа гледаме попречување на правдата. Ние сега нема да те разрешиме, ама ти нема да ги гониш ,,нашите” и тоа, навистина, се случува, кажал Апасиев во однос на најавената кривична пријава за Мицкоски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е дециден дека МВР сега работи многу поинаку од порано, поради што граѓаните самите можеле да ја видат разликата во постапувањето. Тој посочи дека се поднесени пријави против седуммина припадници на МВР во однос на трагедијата во Кочани, но не ја исклучува можноста за ширење на истрагата во Македонија.

Тошковски не се согласува со мислењето дека има „амнезија“ околу истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“. Одговарајќи на новинарски прашања за трагедијата во Кочани, рече: „Амнезија имаше во минатото, кога за несреќи каде што загинаа 75 луѓе, МВР не поднесе ниту една кривична пријава против ниту едно осомничено лице“.

Со истрагата се опфатени поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат, полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Се уште во притвор е поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, а неговите претходници, Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор. Во куќен притвор се поранешните градоначалници Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. По завршувањето на болничкиот третман, и синот на сопственикот на „Пулс“ доби мерки за претпазливост.

Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години, кои довеле до ужасната трагедија.

Од СДСМ велат дека се штитат оние кои се директно одговорни за трагедијата и оти истрагата е насочена кон луѓе кои можеби дозволиле институционални пропусти, но не се директни виновници. Началниците и командирите кои ноќта имале директна одговорност да постапат се недопрени, реагира СДСМ. Од ДУИ, пак, сметаат дека истрагата се претворила во правна импровизација. Во пожарот во кабарето со повредени се здобија речиси 200 млади луѓе.

Слични содржини