Комитетот на министри на Советот на Европа на денешната седница одлучи да започне процедура за разгледување на барањето на Косово за прием во таа организација, а Унгарија, Романија, Кипар, Шпанија, Азербејџан, Грузија и Србија гласаа против овој предлог, јави Танјуг според информации на српското Министерство за надворешни работи..
Воздржани беа Босна и Херцеговина, Грција, Словачка, Молдавија и Украина.
Зелено светло дадоа 33 земји, меѓу кои Црна Гора, Словенија, Северна Македонија, Хрватска и Албанија.
Комитетот на министри на Советот на Европа има 46 земји-членки, а барањето на Приштина ќе биде проследено до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Во изјава за „Euronews“, српската амбасадорка во Советот на Европа, Александра Ѓуровиќ, рече дека никој не ја изненадил со гласањето „за“, но дека е веројатно изненадена од некои земји кои се воздржале. Таа потврди дека Грција, Словачка, Босна и Херцеговина, Молдавија и Украина се воздржани и посочи дека Србија имала гаранции од одредени земји од таа група дека ќе гласаат против.
„Од 46 земји, 13 не го поддржаа усвојувањето на ваквата одлука. Имаше 33 гласа за поддршка на одлуката, а беше потребно двотретинско мнозинство или 31 глас. Тоа мнозинство не беше она што некои го очекуваа. додаде Ѓуровиќ.