Тешки зборови од Белград. Вака накратко можат да се прокоментираат жестоките реакции на дел од српските политичари откако беше обелоденето дека Македонија е коспонзор на најавената Резолуција за Сребреница со која се бара 11-ти јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница во 1995 година, и ги повика земјите членки на ОН. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи побара и Србија да ја поддржи таа резолуција. -Мислам дека е особено важно Србија да гласа за оваа резолуција со цел да се признаат и промовираат фактите, бидејќи сите одлуки на меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница се случил геноцид. Сè додека тој се негира и не се признава, веројатно е можноста да се повтори, посочи Османи.
Неговиот српски колега, Ивица Дачиќ овој чекор го оцени како дрскост, па го праша Османи дали ќе поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац. Се чини најдалеку отиде Александар Вулин, кој е поранешен шеф на српската Безбедносно-информативна агенција и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, кој порача дека „Северна Македонија навистина треба, покрај името и историјата, да го промени и јазикот, како што бараат Бугарите“.
Како српската јавност гледа на ваквиот потег?
Дел од тамошните аналитичари со кои поразговара „Локално“ велат дека предлогот-резолуција, инициран од Германија и Руанда, има своја локална и глобална димензија. Аналитичарот и историчар Стефан Радојковиќ истакнува дека Германија заедно со своите сојузници и партнери сака, во исто време, да го оттргне вниманието на меѓународното јавно мислење од конфликтот во и околу Газа и да сигнализира желба за одржување на срдечни односи со оние земји кои ги поддржуваат Палестинците во Газа и бараат да се ограничи Израел.
-Со други зборови, тој сака да му соопшти на исламскиот свет и на државите од глобалниот југ дека германската поддршка за Израел не мора да значи влошување на нивните билатерални односи. Не случајно, во исто време кога беше објавена веста за оваа германска иницијатива, дознавме и за тужбата на Никарагва против Германија пред Меѓународниот суд на правдата, во врска со Газа. Што се однесува до Руанда, нејзиното учество, освен украсниот карактер, е неопходно и затоа што се сака да се постигне истото ниво на признавање на злосторствата во Сребреница од страна на ОН како и со геноцидот во Руанда од 2003 година во рамките на оваа меѓународна организација, вели Радојковиќ.
Од друга страна независниот новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ објаснува дека многу меѓународни адвокати тврдат дека во Сребреница се случило тешко воено злосторство, а не геноцид.
-Сум се борел во војни и го осудувам секој криминалец кој убива воени заробеници. Жалам што заради нашата чест и дисциплина немавме воен суд во војната и што не беше применета единствената соодветна казна за такви злосторства – стрелање. Работата за непријателските служби вклучени во распадот на СФРЈ и во ова воено злосторство во Сребреница, исто така, требаше да биде строго казнета. Во денешната геополитичка ситуација, кога западниот свет стои зад прекумерната употреба на сила против муслиманите во Палестина, каде брутално беа убиени триесет илјади невини цивили, вклучувајќи жени и деца, а милион луѓе беа изложени на прогон и глад, никој не треба да ја нарече геноцид гротескно лажната слика дека на други места Западот лее лажни солзи над застреланите воени затвореници муслимани. Веројатно им требаат како топовско месо против секогаш многу опасните Руси како тогашната дивизија Ханџар, вели тој во разговор за „Локално“.
Дали може да се очекува влошување на македонско-српските односи?
Двајцата соговорници оценуваат дека Вулин беше преостар во својот настап, но и дека Србија очекувала барем неутралност во ставот на Македонија. Според Радојковиќ, изјавите на високите српски функционери насочени кон поединечни министри или кон Македонија повеќе зборуваат за актуелните тензични односи меѓу Белград и Скопје отколку за какви било постојани билатерални проблеми меѓу двете земји.
-Од друга страна, Белград јасно препозна дека врз надворешната политика на Скопје, покрај членството во НАТО алијансата, пресудно влијание има и етничкиот состав на вашата администрација, па оттаму треба да се сфати и изјавата на министерот Дачиќ. Сметаме дека ова разочарување на Белград почива, меѓу другото, и на фактот дека нема отворени билатерални прашања меѓу Србија и Северна Македонија, како и меѓу Србите и Македонците, и дека поради оваа причина, доколку не беше поддршка, се очекуваше барем неутралност во однос на оваа иницијатива на Германија и Руанда, потенцира аналитичарот и историчар.
Миша Илиќ го споредува министерот Бујар Османи како „следбеник на дивизијата Скендер Бег“. Вели дека во Македонија дваесет проценти од Албанците имаат половина од владата, додека во Црна Гора, според старите податоци, повеќе од триесет проценти од Србите до неодамна немале ниту еден претставник во владата. Оттаму, српскиот аналитичар прашува „каде е тука логиката за малцинските права?“
-Александар Вулин знае остро да реагира. Тој ви дава јасна слика дека Србите се премногу изложени на понижување, навреди поради нивниот слободарски дух и непослушност кон големите сили. Но, тој е во право кога вели дека власта во Србија дозволила одредени странски агенти од српскиот политички спектар да се инфилтрираат во нејзините редови. Мислам дека сепак е преостар кон Македонците. Вие сте во многу полоша ситуација што се однесува до концептот на модерен суверенитет за кој јас лично се залагам, заклучува српскиот аналитичар и додава:
-Србија и покрај високата цена е единствената суверена земја на европскиот континент која може сама да одлучи кому ќе воведе санкции, a кому согласно своите интереси… и со кого ќе игра фудбал…
Н.П.