Бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп и повеќето луѓе од неговата администрација се заразија со коронавирус, ова е прашање на кое целиот свет бараше одговор во последните неколку дена.
Новата анализа на Би-Би-Си покажува дека Белата куќа прекршила четири клучни правила за борба против ширењето на вирусот.
Би-Би-Си ги следеше мерките и препораките на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и начинот на кој Белата куќа ги следеше.
Носење маска
Едно од основните правила за кое светската јавност труби веќе половина година е носењето заштитни маски, особено во јавност, односно во близина на други луѓе. Ова е исто така првото правило што Белата куќа и администрацијата на Трамп не го почитуваа. Американскиот претседател неколкупати беше критикуван дека не ги почитува правилата за носење маска, а на една од последните церемонии во Белата куќа, скоро никој од присутните не носеше маска.
Набргу откако беше пуштен од болницата, каде се лекуваше за Ковид-19, Трамп повторно беше мета на критики во јавноста затоа што ја соблече маската веднаш штом влезе во Белата куќа, иако повеќето експерти тврдат дека тој сепак може да ја пренесе инфекцијата.
Физичко растојание
Од ЦДЦ посочуваат дека организаторите на настанот треба да им овозможат на присутните да држат растојание од два метра, како и потребните собири да се одржат на отворено. Белата куќа исто така го прекрши ова правило за време на неодамнешното назначување на судијата на Врховниот суд на САД, Ејми Кони Берет. Овој настан се смета за жариште на ширење на вирусот во администрацијата на Трамп, имајќи предвид дека повеќето од присутните не држеа дистанца или не носеа маска, а настанот собра повеќе од 50 луѓе.
Белата куќа не само што организираше масовни собири на отворено, туку гостите и членовите на администрацијата на Трамп, како и самиот претседател, се собраа во рамките на официјалната резиденција. Фотографиите кои кружат на Интернет покажуваат дека никој во Белата куќа не ги следел правилата за дистанцирање и носење маска.
Самоизолација
Ако сте позитивни на коронавирус, препораката на ЦДЦ и епидемиолозите ширум светот е да се изолирате и да се одделите од другите луѓе. Сепак, дури и тоа правило не важи за Трамп. Додека се лекуваше во болницата, претседателот ја напушти болничката соба за да се прошета кратко. Во оваа прилика, тој изложи десетици луѓе на ризик да се заразат со „Ковид-19“.
Следење контакти
ЦДЦ предупредува дека луѓето кои се заразени мора да ги известат сите оние со кои биле во близок контакт со цел навремено да спречат ширење на инфекцијата. Не е целосно јасно колку близу беа Трамп и неговиот противкандидат Џозеф Бајден за време на предизборната дебата, но тимот на Бајден, како и тој лично, не беа информирани за дијагнозата на Трамп. Никој од Белата куќа не ги информираше и лицата со кои контактирале заразените членови на администрацијата на Трамп.