Каков е планот на Бајден по прекинот на огнот во Газа?

од Vladimir Zorba

По 11 дена израелско бомбардирање на Појасот Газа, во кое беа убиени повеќе од 200 Палестинци и скоро 2.000 ранети, Џо Бајден го „пофали“ израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за „одлуката за ставање крај на сегашните непријателства“.

Американскиот претседател се соочи со најголемата критика до сега за тоа што не побара непосредно примирје за да се стави крај на израелската офанзива, наместо да повторува благи изјави со кои се потврдува неограничената поддршка на Вашингтон за Израел.

Сепак, и покрај притисокот, Бајден остана со овие пораки од прогласувањето на примирјето во четвртокот, нагласувајќи уште еднаш дека „САД целосно го поддржуваат израелското право да се брани од ракетни напади“.

Експертите велат дека администрацијата на Бајден сега се надева дека израелско-палестинската траекторија повторно ќе се најде на списокот на приоритети на американските надворешно-политички цели.

„Кога Бајден дојде во Белата куќа, прашањето за Израел и Палестина не беше на дневен ред. Тој претпостави, како и многу други луѓе, дека ова прашање навистина не е важно, дека тоа не е проблем, дека Израел може да продолжи со тоа што го прави и дека не мора да му обрнува внимание“, вели за Ал Џезира Надер Хашеми, директор за Центарот за студии на Блискиот исток на Универзитетот во Денвер.

„Секако, тука се поставува прашањето што ќе се случи ден потоа. Кој е планот на Бајден? Нема план“.

Американска стратегија

Кога израелската војска започна со напади врз Газа на 10 мај, прашање за кое администрацијата на Бајден се надеваше дека само ќе биде отстрането од списокот на приоритети меѓу другите горливи теми, како што се закрепнување од КОВИД-19, расна правда или разговори со Иран – сега е во центар на меѓународно внимание.

Со денови, американскиот претседател и неговите високи претставници го повторуваа израелското „право на самоодбрана“, бидејќи го обвинуваа Хамас, кој испука стотици ракети кон Израел. Палестинската група што управува со Газа тврди дека тоа го сторила како одговор на израелските напади врз Палестинците во окупираниот источен Ерусалим.

Како што се зголемуваше бројот на палестински жртви и Израел ги уништуваше зградите ширум Газа, вклучувајќи ги и оние во кои се сместени канцелариите на светските медиуми, повиците за акција, особено за администрацијата на Бајден да направат нешто, станаа сè погласни.

Илјадници луѓе се собраа во градовите низ Соединетите држави барајќи да престанат нападите, а американските законодавци го критикуваа ставот на Бајден.

Официјални лица во неговата администрација изјавија дека работат зад затворени врати за да се стави крај на насилството. Сепак, САД блокираа неколку обиди на Советот за безбедност на ОН да усвојат резолуции со кои се повикува на примирје.

За време на нападот на Газа, Вашингтон пост објави дека администрацијата на Бајден планира да му продаде оружје на Израел во вредност од 735 милиони долари, покрај воената помош од 3,8 милијарди долари што САД му ја даваат на Израел годишно

„Државниот секретар на САД, Блинкен, рече дека стратегијата на администрацијата на Бајден е да го направи Израел да се чувствува побезбеден, поудобно, надевајќи се дека кога тоа ќе го стори, ќе биде подготвен да направи отстапки за Палестинците и да биде разумен партнер“, вели Хашеми.

„Сето тоа звучи убаво и пријатно, но во реалноста податоците покажуваат дека се случува спротивното – дека колку повеќе Израел е разгален, поддржан, одржуван, толку е понепријателски и бескомпромисен во однос на правење некои отстапки.

Повици за одговорност

Осум дена по почетокот на израелската офанзива, Бајден за прв пат рече дека „изразува поддршка за примирјето“ во телефонски разговор со Нетанјаху. Бајден му рече дека „очекува значителна деескалација… на патот кон примирје“.

Еден ден подоцна, беше најавено дека насилството ќе заврши – најмалку 232 Палестинци, од кои 65 деца, беа убиени и над 1.500 ранети во Газа, додека десетици илјади Палестинци беа раселени. Дванаесет лица, вклучително и две деца, беа убиени во Израел.

„Политиката на администрацијата на Бајден е ужасна и презирна и ги прави САД стопроцентен соучесник во израелските масакри и насилства врз Палестинците“, вели Џош Руебнер, предавач на универзитетот Џорџтаун.

Рубнер за Ал Џезира изјави дека е позитивно што американската администрација на крајот го поддржува примирјето, но дека не станува збор за „добивање на некаква морална основа“, туку одговор на политички притисок врз американските улици и од прогресивните демократи.

„Тој политички притисок беше ефикасен во придвижувањето на администрацијата на Бајден во подобра позиција, но тој вид притисок треба да се одржи сега, за да има одговорност по прекинот на огнот“, рече тој, осврнувајќи се на американското ембарго за Израел за продажба на оружје и дополнителни обвиненија пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Палестинските групи за човекови права повикаа на независни истраги за израелскиот бомбашки напад, кој уништи згради, а во кој мета беа медиумите и новинарите.

„Израел користи американско оружје за да убива деца“

Во САД, дури и пред израелската офанзива, пратениците повикаа на преиспитување на американската воена поддршка за Израел. Сепак, повеќето членови на Конгресот продолжуваат да му даваат безрезервна поддршка на Израел.

Сепак, ова предизвикува критики пред се од прогресивните демократи, како што е Александрија Окасио-Кортез, која го повика Конгресот да го блокира трансферот на оружје кон Израел. Независниот сенатор Берни Сандерс исто така предложи слична резолуција.

„Бескрупулозно е што дури и Израел користи американско оружје за да го насочи кон деца, новинари, здравствени работници и други, а САД испраќаат сè повеќе оружје за да извршат вакво насилство“, рече Кари Петерсен-Смит од Институтот за политички студии.

Рубнер додава дека „притисокот од Конгресот ќе продолжи и дека ќе ја турка администрацијата на Бајден таму каде што треба, без оглед каде сака да оди“ во врска со израелско-палестинската политика. Сепак, тој предупредува дека Соединетите држави можат да се обидат да ги започнат „мировните разговори“ меѓу Израелците и Палестинците, кои ќе ја ублажат глобалната солидарност со Палестина.

„Работите нема да се решат со преговори. Работите ќе бидат решени со воведување санкции, преку одговорност за израелските воени злосторства, преку израелска изолација откако ќе се признае дека станува збор за држава на апартхејдот. Овие работи ќе доведат до решение, а не до враќање на преговорите без резултати“, вели Руебнер.

„Ние сакаме слобода“

Во меѓувреме, палестинските поборници ги повикуваат луѓето да продолжат со притисокот и да осмислуваат нови тактики за одбрана на палестинските права.

Мохамед ел-Курд, жител на Шеик Џара во источен Ерусалим, чие семејство се соочува со присилно преселување за да им остави простор на еврејските имигранти, на почетокот на овој месец рече дека осудата на владата не е доволна.

„Мислам дека е време владите да започнат да го санкционираат Израел за насилство врз Палестинците. Мислам дека тоа е следниот чекор“.

Јара Аси од Арапскиот центар во Вашингтон, исто така, вели дека идејата дека „работите ќе се смират“ по прекинот на огнот е опасна затоа што израелската репресија останува.

„Во американските изјави, слушате повици за враќање на мирот, за смиреност – но за жал порано немаше мир, не беше мирно. Тоа не е она што го сакаме, ние сакаме ослободување, човекови права, еднаквост“, изјави Аси за Ал Џезира.

„Почнува повторно да се споменува само кога по бомбардирањето на масите за обдукција се појавуваат слики од деца. Ако не сакаме да ги погледнеме тие слики, мора да останеме ангажирани. Треба да покажеме дека тоа е глобален приоритет или дека насилството ќе се врати “.

Слични содржини