Каков Извештај доби Македонија од ЕУ: „Низ годините „успеавме“ да го смалиме капацитетот во области во кои предничевме во регионот“

од Nikola Popovski
97 прегледи

Засилување на темпото на реформите и уставни промени на кои се обврза Македонија, се посочени во најновиот извештај за напредокот на земјава за 2024-та година. Покрај уставните промени, во извештајот се нагласува потребата од спроведување со добра волја на билатералните договори со соседните земји, односно Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг-патоказите на земјата согласно со Преговарачката рамка, за да се отвори првиот кластер поглавја што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови, стои во извештајот за земјава.

Најмногу забелешки има за владеењето на правото и довербата во правосудниот систем. Од ЕК оценуваат дека не треба да се распушти Судскиот и Советот на обвинители, кои треба да останат независни тела, да се подобри спроведувањето на законите и ефикасното завршување на судските процеси со лица од висок профил. Исто така во извештајот се наведува дека Македонија нема напредок во борбата против корупцијата, за која се оценува дека е на пониско ниво од лани, одреден напредок се нотира за постапките околу организираниот криминал и слободата на изразување.

Извештајот на ЕК лани многу прецизно ги опиша слабостите на земјава на патот кон ЕУ. Тоа се корупцијата, судството, јавната администрација, и злоупотребата на европското знаменце, особено при измените на Кривичниот законик. Аналитичарите од земјава сметаат дека годинава Извештајот треба да се разгледува многу посеопфатно. Според поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова прво што го истакнува Комисијата во заклучокот за земјата (и по промената на власта) е продолжувањето на „посветеноста на ЕУ“ и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Посочува дека тоа треба истовремено да се разбере и како поттик.

Малинка Ристевска-Јорданова

-Овој извештај треба да биде и поттик за забрзување на реформите, а јас би рекла и за поголема степен на идентификација на домашните реформи како реформи потребни за членство во ЕУ, констатира Ристевска-Јорданова во разговор за „Локално“.

Во однос на правосудството, за конкретното прашање за распуштање на судскиот и обвинителскиот совет Комисијата има негативен став, зашто тоа би било нарушување на независноста.

-Дека распуштање (прекин на мандат без законска онова) нема да има е јасно и од Реформската агенда, донесена од Владата и потврдена од Европската комисија. Во неа не станува збор за такво нешто, туку реформите во однос на овие тела се поврзуваат со реализација на Акцискиот план за спроведување на Препораките од Извештајот на ТАИЕКС. За правосудството остануваат најзагрижувачки повторените констатации за политичко мешање и ниската доверба. Меѓутоа има и нови ризици – недостатокот на судии ја загрозува и ефикасноста, која досега беше една од „светлите точки“ во оваа област. Дополнително, темпото на дигитализација е бавно, анализира соговорничката.

Според Ристевска Јорданова, загрижува и лошата оцена за борбата против корупцијата, за која многу се „заслужни“измените на Кривичниот законик од минатата година, но и генерално неисполнувањето на стратегиите и акциските планови.

-Покрај тоа, опоменуваат оцените за продолжената политизација на јавната администрација, нискиот квалитет на процесот на донесување одлуки и ниските капацитети на многу институции. Всушност, низ годините, а веќе и децениите, за жал, ние „успеавме“ да го смалиме капацитетот во области во кои предничевме во регионот. Следниве се амо неколку примери: координација на европските интеграции, внатрешен пазар, животна средина…, објаснува експертката.

Што се однесува до уставните измени, вели Ристевска Јорданова, не беше реално да се очекува промена на ставот од Комисијата – таквиот став е во рацете на Советот на ЕУ и Комисијата едноставно го презема од последните негови заклучоци.

-Што се однесува до 2030 година како датум за пристапување – таа проценка не беше реална ни тогаш кога прв пат е изнесена, ни сега – и не само за Македонија, и не само заради специфичните услови за Македонија, заклучува Ристевска Јорданова.

Според извештајот, реформата на администрацијата е на умерено ниво, и постои 100-процентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика. Најдобро оценет е напредокот во земјоделството. Комисијата оценува и дека е потребен нов Кривичен законик и реформа на локалната самоуправа.

За два месеца не сме направиле чуда, граѓаните живеат тешко и мора да се работи за да сме смени ситуацијата на подобро, да се бориме против корупцијата и криминалот, истакна премиерот Христијан Мицкоски откако му беше предаден извештајот за напредокот на земјава. Евроамбасадорот Рокас даде поддршка за спроведување на реформите.

Според претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, крајно време е да почнеме преговори со ЕУ, бидејќи во спротивно се нарушува кредибилитетот на Брисел. И таа и собранискиот спикер Африм Гаши сметаат дека извештајот објективно ги отсликува проблемите и треба да се работи на спроведување на реформите.

Н.П.

Слични содржини