Се поголем притисок врз српскиот претседател Александар Вучиќ. Сите факултети од Белградскиот и Новосадскиот факултет во Србија се во блокада, како и факултетите во Ниш и Крагуевац. Им се придружија и средношколците по што српската Влада експресно одлучи распустот да започне во понеделник, една недела порано Демонстрациите се дел од пошироките протести што избувнаа по падот на натстрешницата во Нови Сад при што загинаа 15 лица. На веб страницата на српската Влада веќе се објавени повеќе од 60 документи поврзани за несреќата – кое беше едно од барањата на студентите.
Сè повеќе има и инциденти. Последниот се случи пред два дена кога дојде до физичка пресметка меѓу опозицискиот лидер Драган Ѓилас и функционерот на Партијата за Слобода и правда, Ѓорѓе Алексиќ со членот на претседателството на СНС, Лука Петровиќ и група млади сопартијци кои лепеа плакати со порака „Ѓилас е крадец“. По физичката пресметка сите завршија во Ургентниот центар во Белград, со меѓусебни обвинувања кој е виновникот.
Каква иднина го чека Вучиќ?
Дел од српската јавност смета дека постои значително незадоволство кај младите и пошироката јавност. Студентските протести опфатија повеќе од 55 факултети во Србија.
-Вучиќ иако изрази почит кон студентите и исполнување на нивните барања, сепак изрази сомнеж дека протестите ќе престанат, наведувајќи дека зад нив има политичка заднина. Продолжувањето на протестите и блокадите јасно укажува дека генерираното подлабоко незадоволство кај народот ги надмина претходните обиди на опозицијата да го победи Вучиќ и дека самиот народ ја презеде улогата на опозиција на властите во Србија, вели во разговор за „Локално“, српскиот политички аналитичар Жељко Ињац.
Тој посочува дека иднината на српскиот претседател ќе зависи пред се од политичкиот Запад. Ако Западот одлучи дека е време да има некој друг на чело на Србија, прашање е само кој.
-Способноста на Вучиќ да балансира и да преговара, нема да му користи многу, оценува Ињац.
Иако студентите често беа иницијатори за промени во историјата на Србија, како што беше случајот во 90-тите, според соговорникот, сегашната ситуација е сложена. Тешко е да се предвиди конкретниот исход од протестите, иако постои потенцијал тие да доведат до значителни промени во политичкиот и општествениот живот на Србија.
-Што, се разбира, не значи дека сегашната политичка групација лесно ќе се повлече од власт, а мислам и на опозициските политичари и на владејачката партија, бидејќи ниту еден од нив нема поддршка од младите и мнозинството од народот. Иако опозициските политичари не се на власт, се добива впечаток дека им е пријатна актуелната состојба и нивната позиција и дека свесно работеле да го зачуваат Вучиќ на чело на државата. Ова се почесто го посочуваат одредени влијателни инфлуенсери и помалку влијателни опозициски политичари кои се надвор од таканаречениот двопартиски систем Вучиќ-Ѓилас. На некој начин, дел од народот во Србија односот меѓу власта и опозицијата го доживува како симбиоза или симфонија за да се одржи политичката елита и нивните бизниси. Ова е всушност клучната порака на студентите и затоа не сакаат да им дозволат на политичарите да се мешаат во блокадите и протестите, потенцира српскиот аналитичар.
На прашањето дали очекува радикализација од Вучиќ во однос на неговата политика, па дури користење и „руски методи“ како задушување на протестите, Ињац вели не се исклучува ниту една опција.
-Српскиот претседател веќе преку своите медиуми најави повлекување и изрази почит кон студентите и најави исполнување на нивните барања, што укажува на неговата намера ситуацијата да се реши по мирен пат, односно неговата немоќ да ја реши ситуацијата на друг начин освен на мирен начин. Но, тоа не значи дека Вучиќ ќе седи со скрстени раце и ќе и се предаде на судбината. Ниту до сега не го правеше тоа. Ќе се обиде со различни методи да влијае на прекинување на блокадите и протестите и доколку тоа не успее ќе употреби некои други методи, објаснува аналитичарот.
Од друга страна, според Ињац, прашање е колку студентите ќе издржат во нивните напори.
-Засега изгледаат хомогени и решителни, но кога ќе се намалува поддршката од народот како што поминува времето, веројатно ќе се намалува и ентузијазмот кај студентите. Вучиќ секако смета на ова сценарио. Не се спомнуваат „руски методи“ за задушување на протестите, заклучува соговорникот.
Претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ посочува дека Вучиќ може да избега од земјата како сирискиот претседател Башар Ал-Асад само во некоја заливска држава, на што Ињац вели дека таквите тврдења се повеќе во служба на сензационализмот отколку на реалноста на српската политика.
-Претседателот се уште е на чело на државата и активно учествува во политичкиот живот на Србија. Ситуацијата е сложена, но во моментов нема доволно силна политичка организација која би ја заменила сегашната владејачка. Така што и да се повлече Вучиќ, верувам дека тоа ќе биде преодна влада составена од опозициски и позициски политичари, со тоа што шефот на српската држава сигурно ќе инсистира некој од неговите луѓе да биде на чело на таа влада. Во секој случај, сценариото би било исто доколку има избори, Вучиќ најверојатно би се повлекол, но и би го оставил својот човек на власт, па би продолжил да биде владетел во сенка, порачува српскиот политички аналитичар.
Американската „Асошиејтед прес“ вчера објави за новите сообраќајни блокади низ Србија, наведувајќи дека политичките тензии опстојуваат во земјата, каде неколкунеделните протести го одразуваат поширокото незадоволство од се поавтократското владеење на Вучиќ.
Агенцијата пишува дека и понатаму стотици студенти и други граѓани 15 минути го блокираат сообраќајот низ државата, како дел од протестот поради падот на бетонска настрешница врз луѓето кои во ноември беа пред зградата на железничката станица во Нови Сад.
-Многумина во Србија ја обвинуваат раширената корупција и небрежност за време на реконструкцијата на зградата на станицата, која беше реновирана двапати во последните години како дел од проектите за модернизација на железницата со кинески државни компании, за падот на настрешницата, наведува АП.
Во текстот се вели дека обвинителите уапсиле 13 лица, вклучително и владин министер, чие брзо ослободување го поттикна скептицизмот во јавноста во врска со истрагата.
Агенцијата наведува и дека српската Влада го продолжила зимскиот распуст во училиштата, поместувајќи го неговиот почеток една недела порано и додава дека овој потег се смета за обид на властите да ги смират протестите.
-Владата продолжува да се бори против постојано проширувањето на студентските протести кои го оспоруваат владеењето на популистичкиот претседател Вучиќ – со недели не се одржува настава на универзитетите низ земјата, додека студентите кампуваат на факултетите, пишува АП. Последниве денови е зголемен бројот на средношколци кои се приклучија на студентското движење, стои во текстот на АП.
Н.П.