„Каква сензација“: Државниот врв со честитки за победата на фудбалската репрезентација

од Берта Китинска
265 прегледи

Македонската репрезентација славеше со 1:0 против Италијанците со голот што го постигна Александар Трајковски.

Трајковски, кој инаку е поранешен фудбалер на Палермо, ги шокираше Италијанците со удар од далечина во судиското продолжение, во 92. минута.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Брисел во друштво во министерот за надворешни работи Бујар Османи, вицепремиерот Бојан Маричиќ и амбасадорката Агнеса Руси ја следеа играта на македонската фудбалска репрезентација против Италија и се радуваа на историската победа над домаќинот во Палермо.

-Каква сензација! Браво момци, браво! Вие сте вистински херои, оваа вечер покажавте што значи борбеност, желба, истрајност! Неверојатна победа која е резултат на многу труд и работа, но пред се љубов кон националниот дрес. Честитки и за селекторот Милевски и целиот тим, оваа вечер нема никогаш да ја заборавиме. Ви Благодариме, напиша Ковачевски.

И претседателот Стево Пендаровски им ја честиташе победата на македонските фудбалери:

„Нашите фудбалски херои веќе ја испишаа историјата на македонскиот фудбал. Честитки за победата, пожртвуваноста, храброста и борбеноста во играта на нашата македонска фудбалска репрезентација против силниот противник.На чекор до Катар, благодарни сме на радоста што ни ја приредувате“.

Чекорот до историскиот пласман на едно Светско првенство, фудбалерите ќе треба да го направат на 29 март за кога во Порто е закажан финалниот меч против Португалците.

Слични содржини