Тетовскиот градоначалник Биљал Касами, инаку лидер на опозициската БЕСА, повторно е фотографиран со знаме од „Голема Албанија“ позади него.
Тоа можеше да се забележи денеска откако тој промовираше асфалтирана улица во Тетово. Покрај знамето, беше и албанското, а и овој пат отсуствуваше државното, односно македонското знаме.
Тетовскиот градоначалник претходно на социјалната мрежа Фејсбук објави покана од Основниот суд Тетово, од каде бараат претставник на општината да дојде на судско рочиште на 15 септември поради сторен прекршок при пречекот на косовскиот премиер Албин Курти, односно неспроведување на Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
На Фејсбук-профилот, Касами само на албански јазик напишал дека тоа претставува обид за „заплашување“ и дека „со овие дела ни ја зголемувате храброста“.