Иницијативата на опозициската Левица за референдум е задоцнета, вели адвокатот Јасмин Калач за „Локално“.
Посочува дека референдумот како институт е „потребен во вистинско време и тајминг“, како и во однос на реалната потреба од него во одредени политички ситуации.
– Во нашата ситуација околу референдумското прашање битни се неколку работи. Првенствено, граѓаните забораваат дека се поминати повеќе од неколку години од потпишувањето на Договорот за добрососедство помеѓу Бугарија и Македонија. Опозицијата тогаш не иницираше на референдум за негово оспорување или слично, и имаше далеку поблаги ставови во однос на бугарското прашање. Сметам дека последната иницијатива и предлог за Рефрендум е задоцнета. Референдумот претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или за донесување на одредена одлука од посебно значење за државата. Референдумот претставува најзначајна и најраспространета институција на непосредната демократија во светот. Истиот е добар за легитимитетот и демократијата во една држава. Но, исто така референдумот како институт е потребен во вистинско време и тајминг, како и во однос на реалната потреба од него во одредени политички ситуации, изјави Калач.
Според него, граѓаните треба логично да си го постават на себеси следното прашање: Дали референдумот ни е потребен откако ние (Собранието) веќе сме го усвоиле францускиот предлог како начин за решавање на бугарското прашање? Најбитниот момент, додава Калач во целата оваа политички-хаотична клима е суштината и потребата на Референдум во овој момент.
– Доколку референдумот, хипотетички кажано, се одржи и мнозинството на граѓани се изјаснат против овој “француски начин” на решавање на бугарското прашање, како што наводно посакува опозицијата, тогаш истата таа опозиција треба да понуди конкретно и адекватно решение: Што понатаму? Доколку опозицијата не нуди конкретно решение, а референдумот биде “успешен“ тогаш последиците и негативните ефекти од таквиот референдум ќе бидат девастирачки по нашата држава бидејќи самите ќе си станеме кочница на интегративниот процес кон ЕУ. Тогаш веќе нема да имаме потреба да бараме виновници во други држави кои би ни ставиле вето или слично на патот кон ЕУ, бидејќи самите ќе бидеме виновни. Или, обратно кажано доколку референдумот би се одржал и би бил неуспешен, дали опозицијата би ја почитувала волјата на народот и би гласала за уставните измени? Коректно и фер е тоа да и го каже на македонската јавност, анализира адвокатот Калач во својата изјава за „Локално“.
Тој смета дека интегративниот процес и скринингот на државата кон Европската Унија не е „играчка“.
– Опозицијата треба да биде одговорна, да се одважи и даде конкретни, прецизни и јасни предлози, решенија и одговори, хипотетички кажано, што ќе правиме понатаму доколку референдумот „успее“ или „не успее“, бидејќи тоа е она што народот сака да го слушне, за да може да ги носи своите одлуки. Политичарите треба да се однесуваат политички и демократски одговорно во овие критични моменти кои се од големо значение за патот кон кој се движи оваа држава, нагласува тој.
Д.Ј.