Калајџиев: Стразбур би бил збунет ако ние се обидеме да покажеме дека нашите уставни судии се неписмени

од Aleksandar Petrovski
218 прегледи

На гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма свое размислување даде и професорот по кривично право Гордан Калајџиев.

Според професорот Калајџиев, единствениот вистински начин за да се одбрани државата е да покаже дека стануваше збор за сериозна повреда на човековите права во земјава за кои не се дава помилување или амнестија.

– Стразбур би бил збунет ако ние се обидеме да покажеме дека нашите уставни судии се неписмени и дека политички му помогнале на Иванов. Кога Стразбур го гледа проблемот, тие Иванов го гледаат како легитимен претседател, рече Калајџиев.

Смета дека Стразбур нема да го интересира многу дали одлуката на Иванов била законита или не, особено ако тоа прашање е спорно во домашното законодавство. За жал, вели Калајџиев, меѓу домашните експерти прашањето не е толку правно дискутабилно, колку што е за земање на политичка страна во правната аргументација. Што значи дека ние како општество и како правна фела не сме зрели да излеземе на крај само со правни аргументи, ниту да ги почитуваме правните институции бидејќи и тие се политизаирани.

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска на прес-конференција истакна дека пред десетина дена до Владата стигнало барање од Европскиот суд за човекови права да одговори во врска со апликациите поднесени до Судот поврзани со предметите на поранешното СЈО и оти во овој период државата подготвува стратегија за настап кој, како што рече, ќе биде во одбрана на владеењето на правото и правната држава.

– Ние сме сега во почетна фаза, стигнаа пред десеттина дена апликациите на одговор од Владата. Се уште ги разгледуваме во нашите институции, интензивно работиме и се подготвуваме и не би давал конкретни податоци, што и како ќе се случува. Мислам дека ќе направиме соодветна стратегија која што ќе работи во одбрана на владеењето на правото и правната држава, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање.