„Има од сѐ по нешто. Јас бев првиот што јавно кажа дека човекот не ветува. Објективно, како прв човек во Обвинителството е најодговорен за лошите состојби таму. Посебно грди беа судирите внатре во самата организација. А дека власта си сака „свој“ обвинител не е тајна“, вели во разговор за „Локално“, универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев за заминувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски од функцијата и неговиот однос со Владата која претходно предложи да биде разрешен.
Калајџиев потенцира дека односот на власта кон Јавното Обвинителство е непристоен. Како што вели, „тоа што си играа со државниот обвинител цела година е срамота за една држава што сака да биде правна држава“.
-Како општество сме жедни за обвинител со интегритет. За жал, оваа власт отворено ги дели судиите и обвинителите на наши и нивни. Оттука не сум оптимист, истакнува професорот.
Калајџиев оценува дека можен е „реваншизам“ со поставувањето на новиот предводник на ЈО.
-Како стојат работите, тоа нѐ очекува. Од лошо полошо, истакнува професорот, додавајќи дека поделбата на позициите во судството и обвинителството е впрочем јасен показател дека конците во оваа власт сѐ уште ги држат политичките и бизнис елитите.
-Далеку е од нас правната држава. Господ на помош. Не гледам кој може да не извлече од оваа кал, предупредува соговорникот.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв
Советот за јавни обвинители ја одложи седницата на која се очекуваше да се избере в.д. државен јавен обвинител, по оставката на Љупчо Коцевски. Неговиот наследник ќе биде на челната функција на Обвинителството се до изборот на нов републички обвинител, но не подолго од шест месеци.
Вчерашната седница беше одложена поради отсуството на членот на Советот, Јелена Догазанска Колева. Заради нејзиното отсуство, членот на Советот обвинителот Ермон Незири предложи да се одложи изборот на в.д. јавен обвинител на Македонија, бидејќи, како што рече, тоа е значајно прашање и треба во полн состав да се избери в.д. јавен обвинител. Со ваквиот прелдог на Незири се согласија сите членови на Советот ја јавни обвинители.
Претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, кој на функцијата беше избран минатата недела, рече дека седницата ја презакажува за в понеделник, во 11 часот.
Љупчо Коцевски во вторникот, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување, на прес-конференција објави дека поднел неотповиклива оставка на функцијата. Коцевски во образложението истакна дека функцијата од која заминува ја вршел чесно и достоинствено, а оставката ја поднесува поради, како што рече, „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“. Оставката, како што наведе, ја поднесува поради „непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, а предлогот за негово разрешување го оцени како политичка одлука.
Коцевски во обвинителството е од 2008 година, кога е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. За државен јавен обвинител беше избран на 18.01.2022 година од Советот на јавните обвинители, а Собранието го именуваше на 13.2.2024 година.
Инаку, Собранието сè уште не ја почнало постапката за избор на нов државен јавен обвинител, а во која првиот чекор е објавување оглас на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите да раководат со единствениот орган во државата кој е надлежен за гонење сторители на кривични дела.