Универзитетскиот професор и довчерашен член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев смета дека сите членови на Антикорупциската комисија треба да си заминат по неодамнешната одлука околу дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
„Оставка од ДКСК!! Се обрукаа со директорот на АНБ“, напиша тој на социјалните мрежи.
Калајџиев се осврна и на состојбите во правосудниот систем.
„Многу широка јавна дебата одржа власта денес за судството; дури тројца дебатираа: една професорка по историја и уште двајца“, напиша тој во реакцијата за судството.
Утрово од СДСМ повторно побараа од членката на ДКСК, Цвета Ристовска да си поднесе оставка.
-Последната скандалозна одлука за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и сомнежите за судир на интереси во самата ДКСК фрлаат црна дамка на работата на комисијата и ја поткопува довербата во оваа важна институции.
Сомнежите за судир на интереси кај членката на ДКСК, Цвета Ристовска, која истовремено била предавач на истиот Универзитет од каде што е спорната диплома на Христовски, како и фактите објавени во медиумите дека дипломата е стекната за само 1 година ја компромитира објективноста и независноста на одлуката, соопштија од СДСМ.
И според екс-претседателката на Антикорупциската, Билјана Ивановска, Ристовска мора да биде разрешена од Собранието и Обвинителството да ја преиспита целата работа.
-Требало да биде изземена веднаш или ако се падне кај неа, затоа што имала деловни односи со факултетот, без оглед дали е паричен надомест или не. Уште полошо ако не е паричен надомест. Кои се интересите? Штом веќе имала деловен однос, тоа претставува ризик за одлучување. Следниот ден беше избришана од наставниот кадар на веб-страната на факултеот, па додадена и ова пиши-бриши ја повредува интелигенцијата на граѓаните. Затоа Антикорупциската треба да биде препознатлива и да дува на ладно.
Имаме две професорки кои судски се осудени со истиот сертификат како оној на директорот на Агенцијата за национална безбедност. Наместо ДКСК да се повлече од своите тврдења, тие велат сертификатот е валиден. ДКСК се повика на изјава на инспектор, наместо корупцијата сами да ја истражуваат, изјави Ивановска во „Тема на денот“.