Професорот по кривично право Гордан Калајџиев на својот Фејсбук профил реагираше на обвинението за пожарот во Кочани, укажувајќи дека проблемот не е во правна грешка, туку во политичка нарачка.
„Не е страшно што обвинителите згрешиле со ‘теоријата’ за верижна одговорност за пожарот во Кочани. Страшно е што не се работи за грешка туку за нарачка од политиката. Страшно е што сите правни авторитети се сложија дека тоа баш нема да може, а сепак си го тераат! Згора и се унапредуваат во кариерата. Уште пострашно е што судот нема храброст да не го прифати ваквото широко обвинение“, напиша Калајџиев.
Основниот кривичен суд Скопје, информира дека на 3 октомври, в петок истекуваат сите законски рокови за прием и достава на приговор на обвинителниот акт поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со што се исполнуваат сите услови за оцена, па се очекува актот до крајот на неделата да биде оценет, за што јавноста и странките ќе бидат навремено известени.
Судот, посочува дека во целост го разбира и почитува јавниот интерес во однос на обвинителниот акт со КООА 155/25 поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и нагласува дека се работи за предмет со 37 обвинети правни и физички лица застапувани од 33 бранители и претставници на правните лица.