Европската унија разгледала како би изгледал европскиот одговор доколку заканата од САД за преземање на Гренланд, полуавтономна територија на Данска, се покаже како реална, изјави денес шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
„Пораките што ги слушаме во врска со Гренланд се исклучително загрижувачки“, рече Калас на прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абделати, во Каиро, објави Ројтерс.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, останува посветен на НАТО алијансата, додека во исто време неговиот тим за национална безбедност ја разгледува можноста САД да го купат Гренланд, изјави вчера портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Гренланд е автономна територија на Кралството Данска со свој парламент и влада, додека Копенхаген ја задржува контролата врз надворешната политика и одбраната.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ги повтори заканите за преземање на Гренланд, оживувајќи ја идејата што првпат ја изнесе во 2019 година.
Островот, стратешки лоциран помеѓу Европа и Северна Америка, е важен за американскиот систем за одбрана од балистички ракети, а неговите богати минерални ресурси одговараат на потребата на Вашингтон да ја намали зависноста од Кина, соопшти агенцијата.