Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас денеска е во Македонија. Посетата е дел од нејзината тридневна турнеја низ Западен Балкан, за време на која таа ќе ја потврди посветеноста на Унијата кон регионот и ќе пренесе пораки за приоритетите на Европа во надворешната политика и безбедноста.
Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со членовите на Владата, по што ќе следи прес-конференција. Заедно со шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, ќе учествува на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и нашата земја во Министерството за надворешни работи.
Останува цврстиот став на Владата и Мицкоски дека под уцени нема ништо да биде прифатено во однос на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот. Шефот на Владата овој став го повтори на ден пред посетата на високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика за која рече дека имаат исклучително добри односи. Укажа дека сме првата држава од регионот која го потпиша договорот за заедничка надворешна и безбедносна политика со Унијата.
-Уверен сум, вели Мицкоски дека Европската унија ќе најде решение, механизми да го добиеме заслуженото место.
Попладне ќе ја посетат балканската медицинска наменска сила во касарната „Илинден“, каде што ќе се сретнат со членовите и ќе видат дел од опремата набавена со поддршка на европскиот мировен фонд од 6 милиони евра за обезбедување медицинска опрема и теренски болници.
Калас во Македонија доаѓа од Косово каде што рече дека се вклучува во процесот на нормализација меѓу Приштина и Белград бидејќи, како што наведува, тоа е „корисно за двете земји“.
„Ако можеме да покажеме дека се движиме во вистинската насока и дека преземаме чекори кон нормализација, дека можеме да го оставиме минатото зад нас и да се фокусираме на заедничката иднина, мислам дека тоа е корисно и за народот на Косово и за народот на Србија“, кажа Калас.
Шефицата на дипломатијата на ЕУ зборуваше и за конкретните чекори што ќе ги преземе за враќање на довербата во ЕУ како искрен партнер и можеби укинување на санкциите врз Косово.