„Власта, иако ветуваше, не направи вистински измени на Кривичниот законик. Наместо тоа, преку пратеници на ДПМНЕ, поднесува козметички интервенции, далеку од суштинска реформа, дури и спротивна на европски директиви и комвенции“, велат од опозициската СДСМ. Според поранешната пратеничка, иако нов Кривичен законик се подготвуваше повеќе од четири години од работна група составена од професори, експерти, судии и обвинители – тој не е поднесен.
-Нема нов Кривичен законик. Нема реформа. Се плашат ли од јавноста, од експертите, од граѓанските организации, од европските стандарди? Или се плашат од вистината?
Наместо измени по „ЕУ-стандард“ власта донесе неевропски закон, спротивен на европските регулативи. Предлог-измените што ги турка власта се спротивни на клучните директиви на ЕУ – 2024/1260 и 2024/1385.
Кај членот 98-а, наместо објективен доказен стандард, каков што бара Директивата за враќање на средства и конфискација, се користи формулацијата „судот е уверен“. Значи субјективен, непрецизен и правно небезбеден критериум, истакнува Снежана Калеска-Ванчева.
Според неа, претставувањето на овие измени како „репарација“ или „враќање на правдата“ е правна илузија и измама. Факт е дека, тврди членот на СДСМ, предложените измени не се ништо друго освен очаен обид за спас на власта од одговорност за криминал и корупција.
-Целта е јасна – заштита на функционерите на власта од кривична одговорност за криминални скандали и сомнителни тендери.
Како што се: 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра за една фирма, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, тендери поврзани со блиски лица, роднини и партиски структури.
Очигледно е дека овој предлог доаѓа под притисок – од истраги, од факти, од докази и од страв дека казнената политика конечно ќе ги стигне.
СДСМ бара Владата веднаш да го повлече овој срамен предлог, Министерството за правда да го објави веќе подготвениот нов Кривичен законик на ЕНЕР, и да се отвори вистинска јавна дебата со домашната и меѓународната стручна јавност, порача Калеска Ванчева.