Пред една година и четири месеци имавме парламентарни избори на кои граѓаните кажаа на кого ја даваат довербата, точно сега имавме локални избори на кои мнозинството градоначалници го доби опозицијата, но парламентарни и локални избори не се едно исто, истакна пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Таа запраша дали е фатаморгана дека оваа позиција има мнозинство кое е потврдено, а сега е зголемено.
И аритметиката е тука и суштината е тука, ниту една криза не може да биде решена со голо барање на избори кога од другата страна немате ниту јасна понуда, ниту јасна визија, ниту пак јасно изразено мнозинство, нагласи Калеска Ванчева, додавајќи дека ниту една позиција не може да сопре и спречи предвремени избори, доколку опозицијата собере доволно пратеници и изгласа дека сака избори.
Крајно време е да сфатиме како да живееме, опстојуваме и да креираме реални политики во парламентарен плурализам, но се уште опозицијата за тоа нема слух, порача пратеничката Калеска Ванчева.
Во врска со кадровските промени во владеачката партија, Калеска Ванчева нагласи дека СДСМ бил е и ќе биде демократска партија во која различните мислења, борба на идеи секогаш биле присутни.
Ни се случи промена на лидер на партијата, и порано ни се случило, и секогаш промена на лидер на партијата носи кадровски промени во врвот на партијата и тоа не е во невообичано во една политичка партија, ниту кај нас, ниту во Европа, рече Калеска Ванчева.
Таа додаде дека тоа е дел од нормалните процеси кога станува збор за внатрепартсики избори и за избор на нов лидер.
СДСМ секогаш знаел и тоа го докажал низ годините на своето постоење да ги надмине своите различности, кои всушност значат само прогрес, бидејќи низ различни ставови и мислења и кога има простор да се искажат различните ставови мислења се доаѓа до најоптималното решение и СДСМ секогаш занел да излезе обединет, порача пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.