Акцијата на „КАМ маркет“, во која се подаруваше масло „Ле бон“ за секоја сметка од 800 денари, во овие кризни времиња беше осмислена со добра намера и единствено со фокус на нашите лојални потрошувачи, велат од „КАМ маркет“ откако пазарната инспекција казни три нивни маркети бидејќи го тргнале зејтинот од полиците, иако го имале на залиха и го давале само ако купувачите направат сметка над 800 денари.
-Вакви промоции се редовна пракса во сите бранши во трговија на мало и услужни дејности, во нашата земја, во регионот и во целиот свет.Поради нарушувањата на пазарот, како последица на актуелните случувања во светот, менаџментот на „КАМ“ направи напор и успеа да обезбеди пратка од 38.000 литри масло од приватната марка „Ле бон“ за македонскиот пазар, квалитетен производ со пониска пазарна цена.
Одлуката да се подари целото количество во вредност од 55.000 евра, по принцип на таканаречено условено купување, беше донесена од две причини: да се овозможи рамномерна достапност на овој дефицитарен производ, односно да се избегне купување големи количества од страна на помал број лица и истовремено да им се даде подарок на редовните потрошувачи како благодарност за нивната лојалност, велат од маркетот.
Оттаму посочуват дека во времето на реализацијата на акцијата, на рафтовите во маркетите на „КАМ“ било достапно маслото „Брилијант“ од 1 и 5 литри, но поради големата побарувачка, количините поставени на рафтовите биле потрошенин брзо.
-Во некои маркети побрзо отколку во другите, и можно е да помине кратко време додека тој недостиг се надополни. Во никој случај не станува збор за намерно отстранување на маслото од рафтовите.Свесни сме за сензитивноста на времето во кое живееме и за последиците од глобалната криза. Како компанија во чиј фокус е потрошувачот, „КАМ“ и понатаму ќе се стреми да обезбеди висок квалитет за своите купувачи по пониски цени. Ќе направиме сè што е во наша можност сите неопходни продукти да им бидат достапни во секое време, велат од „КАМ маркет“.