Ситуацијата со недостиг на судии во Основниот суд Кочани засега нема да се реши, но ќе се ублажи со времено делегирање на судијка од Велес. Судскиот совет денеска одлучи судијката Емине Калач да биде упатена во Кочани на два месеци за да помогне во кривичниот оддел, каде по неодамнешната трагедија има зголемен обем на работа.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изјави дека ова е привремено решение додека не се направи целосна анализа за потребите на сите судови во државата. Тој најави дека наскоро ќе има предлози за прераспределба на судии каде што е најпотребно.
На денешната седница беа донесени и одлуки за разрешување на неколку судии-поротници, а беа одбиени и неколку претставки од граѓани како неосновани. Советот се прогласи за ненадлежен во случајот на судијката Бојана Тоиќ од Тетово, а за претставките поднесени од Министерството за правда и Владата против судија од Гостивар беше побарана службена белешка поради жалбена постапка.