Тоа е практика која постоела. Ние и порано сме испраќале закони на преглед. Ако тука се добие објективна оценка, по мене тој закон во тој дел на забрана на политички партии, тоа е општа практика насекаде. Дури уставните судови имаат директна надлежност да забранат делување на политичка партија која има програма или дејствува спротивно вредностите на националниот Устав, ширење на омраза и нетрпеливост, изјави академикот Владо Камбовски.
Тој очекува дека Венецијанската комисија ќе го потврди ставот за Законот за здруженија и фондации.
-Не верувам дека таа ќе рече може да формирате здруженија што ќе шират национална омраза и нетрпеливост. Тоа ниту една држава во светот не го дозволува. Тоа е спротивно на сите стандарди и норми. Секој може да се бори за одредени свои права, но без да ги загрози правата и слободите на другиот. Можете да формирате секакви здруженија, но никој нема право да негира или загрозува права на другите, рече Камбовски.