Ако зборувам како човек и како татко, навистина сочувствувам со сите жртви и нивните семејства. Живееме во едни тешки моменти за државата. Се случија тешки несреќи и тоа е што можам да го кажам како човек. Како професионалец и член на Судскиот совет, мојата должност е да ги уверувам граѓаните дека сите постапки кои што ќе се пред судовите, ќе се водат на транспарентен и ефикасен начин и дека правдата ќе биде достапна и еднаква за сите. Тоа е тоа што можам да го ветам како претседател на Судскиот совет, изјави синоќа првиот човек на Судскиот совет, Александар Камбовски откако не беа утврдени неправилности во при носење на одлуката на судијата Ферати од Основниот суд Тетово за предметот со прегазената Теодора Ристовска, каде на обвинетиот Пајазити му е одредена затворска казна од две години.
Камбовски нагласи дека Судскиот совет не потврдува и не укинува пресуди. Вели дека ги изнеле фактите кои што намерно или ненамерно биле пропуштени и смета дека се направила една хајка дека судијата дал преблага казна.
-Никој не ѝ објасни на јавноста и не сподели дека всушност таа беше единствената казна што тој можеше да ја изрече во случајот, имајќи ја во предвид законската одредба која што забранува да се смени определена одлука на полошо кон обвинетиот. Ми е жал што никој не им го објасни на оштетените да немаат очекувања во оваа повторена постапка од нивниот полномошник. Човечкиот живот нема цена и не постои казна што може да се даде ако гледаме низ очите на семејствата, пријателите, роднините…Меѓутоа законот има свои граници и определил. Во конкретниов случај казната е од 1 до 5 години. Ако сакаме сега грубо да зборуваме, некој ако го изгуби животот во таква сообраќајка, вреди од 1 до 5 години – така се одлучил законодавецот и ние како општество. Тоа не го одлучил Судскиот совет. Во одреден момент, ова Собрание го изгласало тој закон и тој е на сила. Ајде да го промениме и да се дадат поостроги казни, рече претседателот на СС во емисијата „24 анализа“.
Семејството на загинатата Теодора претходно истакна дека очекува Судскиот совет адекватно да постапи во врска со, како што велат, скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија.