Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето за случајот „Плацеви на Водно”.
На денешното рочиште кое почна со изведување на материјални докази од обвинителството, јавната обвинителка Лиле Стефанова презентираше нотарски заверки на документи и потврди за плаќања од извршени купопродажби.
Бизнисменот Орце Камчев, во своето излагање пред судот рече дека ќе избегал, доколку имал таква намера, бидејќи шест месеци имал времен пасош.
– Имав времен пасош од мај 2019 до ноември 2020 и го користев 56 пати за службени патувања. Последен пат го користев четири дена пред истекот, за итно патување во Истанбул за што е информиран и министерот Спасовски. Да сум сакал да бегам, ќе сум бегал, изјави Камчев.
Тој побара од судот да одреди разумна кауција што треба да ја достави, за да може да подготвува одбрана од својот дом. Неговиот бранител Гоце Ристески, наведе дека за Камчев е доставена и обемна медицинска документација, за постоење на сериозни импликации за ризик од кардиоваскуларна смртност.