Кривичниот совет му ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена на бизнисменот Орце Камчев.
„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, донесе решение со кое ја продолжи мерката притвор за лицето Ј.К за 30 дена, поради постоење на околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП“, информираа од Кривичен суд.
Пред извесно време Апелацискиот суд во Скопје ја одби гаранцијата поднесена од неговите бранители во висина од 1,7 милиони евра за да биде пуштен во домашен притвор.
Жалбата поднесена од бранителот на Камчев, адвокат Тони Менкиновски, судот ја одбил како неоснована и во целост го потврдил решението на првостепниот суд. Во образложение на својата одлуката повисокиот суд наведува дека адвокатот Менкиновски го барал токму спротивното, односно барал укинување на претходната одлука или укинување на мерката со прифаќање на понудена гаранција.
Камчев беше уапсен на 13 март, откако во службена белешка на Агенцијата за национална безбедност било посочено дека реализирал средби со луѓе од странство кои биле таргет на агенцијата, кои биле индиција за можно бегство во Бугарија.
Тој е осомничен за случајот „Плацеви на Водно“, за имот кој е поврзан и со експремиерот во бегсво, Никола Груевски, како и за предметот „Империја“, за којшто поранешното Специјално јавно обвинителство отвори истрага во ноември 2018 година. Перење пари, злосторничко здружување, измама се дел од кривичните дела опфатени во оваа истрага.