Постигнавме договор во интерес на граѓаните. Ако остане како што е договорено, сите три поголеми и другите помали приватни болници ќе бидат вклучени во помошта на граѓаните за борба против КОВИД-19 и сите наши ресурси со кои располагаме. Комплетно ги прифативме условите од Министерството, изјави вечерва сопственикот на „Систина“, Орце Камчев откако беше договорено старата гинеколошка болница на „Систина“, поранешна „Мала богородица“, да биде пренаменета во инфективно одделение каде ќе може да се лекуваат 100 пациенти, под контрола на Министерството за здравство.
За пациентите ќе се грижи лекарски тим од трите најголеми приватни болници, „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.
Според сопственикот на „Филип Втори“, Жан Митрев, сите се на ставот дека треба да помогнат колку што можат.
-Начелно имаме концепт и стоиме зад сето тоа. Министерот и Министертсвото треба да го водат сето тоа, ние сме тука да помогнеме и во опрема и во кадар и во логистика. Засега нема никакви недоразбирања или непто околу што би се расправале, напротив, мислам дека сме сите сме во тој правец – да помогнеме колку што можеме во оваа ситуација, истакна Митрев.