Бизнисменот Јордан Камчев од пред три дена е пуштен на слобода, објави денеска „БИРН“ повикувајќи се на информации од Кривичниот суд.
Камчев повеќе нема обврска да се појавува на спиење во затворот во Струга, каде што влезе пред четири месеци. Тој беше осуден за предметите „Империја“ и за Плацови на Водно“, а доби заедничка казна што е намалена за четири месеци.
Истрагата „Империја“ беше отворена во 2018 за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Првоосомничени се Камчев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, а осомничени се уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески. За овој случај се спогоди со обвинителството и беше осуден на една година затвор, а исто така плати и 5,2 милиони евра штета.
Камчев е неправосилно осуден на една година затвор и во случајот „Плацеви на Водно“, за помагање во перење пари во врска со нелегалните плацеви на тогашниот премиер Никола Груевски. Јосифовиќ за помагање, во истиот предмет доби условна казна откако и тој призна вина.