Телефонските разговори меѓу Никола Груевски и Орце Камчев беа објавени на Јутјуб каналот „The truth above all“.Според снимката, Груевски и Камчев разговараат пред обвинителството да поднесе обвинение за случајот „Плацови на Водно“ во 2021 година.
На објавените разговори Камчев му говори на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството.
„Груевски џабе го спомнувате во оваа работа…Навистина никој те нема спомнато во изјавите. Освен Ристе (Новачевски), никој друг нема… Кога јас и ти сме зборувале за плацеви и за оваа работа? Никогаш во живот. Епа што да ти кажам Никола, ако треба да лажам, да зборам дека си ми кажал нешто“, говори Камчев.
Тој ја споменува и обвинителката во случајот Лиле Стефанова, посочувајќи дека во секој предмет таа му е обвинител.
-Јас бев спремен да ја нападнам, но немав гаранција од Вилма (Русковска). Сакав да и ги извадам пораките на (Ванчо) Чифлиганец и нејзе за тоа таквото, тие што ги имам, разбираш. Ама да имам гаранција, да идам само јас со глава во ѕид, овие сите бегаат.Зашто нејасно е зашто само мене Стефанова ми е обвинител во сите предмети. Јас ги имам тие, но треба да влезе обвинителство, со телефони, да ги земе и да ги отвори. Васе Димишков е сниман дека и бара на Ана 6 милиони, па таа не отвора истрага. Кај има таква работа. Сестра му уште е на предметот. Мафија бе шефе! – му вели Камчев на Груевски.
-Денес многумина ме прашуваат дали овие разговори што вчера се појавија на YouTube каналот The true above all помеѓу мене и Камчев се случиле и дали ќе влијаат на судскиот процес.Да, тие разговори се случија во фебруари 2021 година. Овие разговори ги водевме на почетокот на процесот и тие уште еднаш покажуваат под каков брутален притисок се луѓето опфатени и ставени на листата на власта за политички прогон, каде правосудниот систем е само егзекуторот, вклучително и против самиот Камчев. Секако јас сум прв на листата за “отстрел” па подготвени се на секакви работи само за што повеќе да ме обвинат и осудат, пишува Груески на својот Фејбук профил, додавајќи:
„Не знам дали овие снимки ќе влијаат на судскиот процес. Знам само дека исти вакви снимки во случајот “Рекет” беа прифатени за докази и се донесоа судски пресуди на база на тие докази”, пишува Груевски и додава дека снимките точно покажувале дека немал никаква врска со таканаречените “Плацеви на Водно”.
Груевски во статусот не коментира зошто воопшто овие снимки биле направени, како се направени, ниту пак прашува кој ги снимал и зошто се објавени јавно, само го коментира правосудниот систем од кој избега во Будимпешта.
Заесга не е познато кој ги објавил , ниту дали овој разговор е сниман со посебно истражни мерки или пак преку посебна апликација за снимање на телефонски разговори која може да се симне на секој паметен телефон.
Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.