Камења, јајца, тоалетна хартија се фрлаа кон Владата, закажан нов протест

од Берта Китинска
217 прегледи

Протестот против францускиот предлог „Ултиматум, не благодарам“ продолжува и денеска пред Владата во 19 часот.

Како што е најавено, граѓаните нема да протестираат само пред Владата, а повеќе информации се очекуваат во текот на денот.

Во текот на вчерашниот ден ескалираа тензиите.Први кои што ја турнаа заштитната ограда пред зградата на „Илинденска 2“ беа граѓани и симпатизери на Левица, предводени од лидерот на партијата и пратеник Димитар Апасиев и вториот пратеник на партијата во Собранието, Борислав Крмов.

Демонстрантите фрлаa со камења, јајца, тоалетна хартија, балони со вода кон зградата на Владата, а се слушаа и експлозии од пиротехнички средства.
Оградата беше тргната, по што демонстрантите дојдоа до дворот на Владата, каде што беа попречени од голем полициски кордон, на десетина метри од вратата на институцијата. За среќа, немаше директни судири со полицијата, ниту поголеми инциденти.

Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат од владата да го отфрли.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро го осуди насилството и како што велат, антиевропските инциденти што се случија вечерва на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ и Левица пред зградата на Владата и Собранието.

-Граѓаните вечерва беа сведоци на обидот да се повтори сличниот напад врз највисокото законодавно тело во државата како на 27 април 2017 година од политички партии и поединци кои воопшто не размислуваат за иднината на граѓаните и на Република Северна Македонија. Во решавачките моменти за државата, во моментите кога се пишува историја и се поставуваат темелите на европскиот пат, Демократската унија за интеграција ги уверува институциите и граѓаните дека нема да дозволи во ниту еден момент да скршне од патот на евроамериканско пријателство и европската интеграција.

Слични содржини