Каменувани бугарски новинари во Србија (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
375 прегледи

Тим истражувачки новинари на Бугарската национална телевизија (БНТ) и еколошки активисти од Бугарија и Србија биле физички нападнати во Србија, на државниот пат пред рудникот „Подвирови“ во селото Караманица во општина Босилеград, соопштила организацијата „Safe journalists“. Нападот се случи на 14 јуни во попладневните часови.

Во телевизиската екипа биле новинарката Богдана Лазарова, снимателите Димитар Славов и Николај Андрејев и техничарот Роберт Вецов, како и екоактивистите од Софија Димитар Куманов од Риболовниот клуб „Балканка“ и Валентин Јанев, Бранко Митов и Димитар Димитров од Босилеград, се вели во соопштението.

Новинарски тим од Бугарија дошол во Србија да сними сторија за загадувањето на животната средина во пограничната област во општина Босилеград, а ги имале сите потребни дозволи за снимање во Србија.

Кога новинарите и активистите се приближиле до рудникот, минибус им го блокирал патот на околу 50 метри од влезот, па тие морале да продолжат пешки.

 

Во тој момент шест-седум лица, меѓу кои и директорот на рудникот, ја нападнале екипата, прво со камења, а потоа и со тупаници.

Според Бугарската национална телевизија, генералниот конзул на Бугарија во Ниш, Димитар Цанев, дошол во Босилеград и со негова помош била поднесена пријава во полицијата во Босилеград.

Известена е амбасадата на Бугарија во Белград и генералниот конзул, се додава во соопштението.

„Подвирови“ е рудник за олово, цинк и бакар, а е во сопственост на фирмата „Босил метал“ д.о.о.

 

Слични содржини